Пандемијата со Ковид-19, како и насекаде,така и во Дебар, негативно се одрази врз целокупниот живот во Дебар, вклучително и во бројот на младите кои одлучиле да го кажат судбоносното „да".

Во годината која е зад нас во градот во матичната книга на венчаните се запишани 86 бракови, што е за 39 бракови помалку споредено со претходната година.

– Во 2020 година имавме 86 бракови, претходната година 125, во 2018 година 129, додека една година претходно 118. Статистката потврдува дека лани сме имале најмала бројка на склучени бракови во последната деценија. Претходно не ни станува збор за споредба, зашто годишно сме имале и повеќе од 200 бракови. Во изминатите денови од овој месец евидентрани се само два брака, изјави за МИА, Афердита Шаини, одговорна во секторот за бракови во општина Дебар.

Додава дека во намалувањето на браковите во изминатиот период свое влјание има масовната миграција,која цели семејства однесе во белиот свет, па за разлика од порано свадбите сега ги прават во земјата каде што живеат.

– Секако дел од младите иако живеат во друга земја, главно во летниот перод доаѓаат во родниот крај каде прават свадба и тука се венчаваат. Минатата годна поради пандемијата нашинците од САД и европскте земји не дојдоа во родните места,па тоа директно влијаеше во бројот на браковите, додава Шаини.

По традиција во Дебар, свадбите и другите веселби почнуваат во мај, кога тука доаѓаат иселениците од САД, а масовно се одржуваат во јули и август, кога пристигнуваат и печалбарите од западно европските земји. Дневно има по најмалку 10 веселби дневно само во градот.

Истата традиција е присутна и во поширокото подрачје, односно и во општина Центар Жупа и Маврово и Ростуше, односно подрачјето на Долна Река,од каде како и од општина Дебар половина од некогашната популација е во белиот свет.