Изборот на најдобрите спортисти и спортски екипи за 2020 година, што како традиционална манифестација го организира Општина Кочани, годинава е откажан.
Здравствената криза ги оневозможи или целосно ги прекина спортските натпревари во текот на минатата година, поради што кај организаторот се јави дилемата дали и на кој начин да се реализира традиционалната манифестација.
-Со цел да го земе како релевантно мислењето на Комисијата што го врши изборот на најдобрите во спортот, Одделението за јавни дејности побара одговор и предлози од нејзините членови, како и од членовите на Комисијата за спорт при Советот на Општината. Според добиените одговори, преовлада ставот дека годинава манифестацијата не треба да се одржи. Два члена на комисиите воопшто не дале одговор, а само еден предлог бил манифестацијата да има ревијален карактер, истакна Александар Јосифов, секретар на Општина Кочани.
Вообичаено, на манифестацијата се избираат најуспешните во повеќе категории: млад спортист, тренер, спортски работник, најдобра спортски екипа и најдобар спортист. Комисијата што го врши изборот, составена од новинари од локалните медиуми и интернет-портали, номинира и личности кои дале посебен придонес во спортот во Кочани.
За спортист за Кочани за 2019 година беше избрана каратистката Мартина Шахинова од карате клувот „Партизан“.