Општина Центар објави јавен повик за прибирање барања за користење средства од Буџетот на Општина Центар за 2021 година, наменети за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите.

– Распределбата на средствата од Буџетот на Општина Центар за 2021 година ќе се врши во согласност со Правилникот за постапката и начинот на распределба на финансиски средства од Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите на Општина Центар за 2021 година и врз основа на наведените критериуми и приоритети, соопштија од Општина Центар.

Од Општината наведоа дека здруженијата и фондациите имаат можност да добијат средства за следните области: Помош и заштита на лицата со физички или со ментален хендикеп и попреченост во развојот и лица со посебни потреби; Заштита и поддршка на децата и на младите; Развој на социјални услуги за потребите на граѓаните во социјален ризик; Развој на услуги и поддршка на процесот на образование; Меѓуопштинска и/или меѓународна соработка; Заштита на животната средина и одржлив развој; Културни манифестации и настани во интерес на граѓаните и општината; Развој на демократијата, граѓанското општество и човековите права; Помош и поддршка на жртви на семејно насилство.

– Право на учество во Јавниот повик имаат здруженијата и фондациите со седиште на територијата на Општина Центар како матична општина каде што физички ќе се реализираат проектите, а кои ги исполнуваат следниве критериуми: Да се регистрирани како здружение или фондација во согласност со Законот за здруженија и фондации, со седиште во Општина Центар; Да имаат активна трансакциска сметка и активен статус на дејствување од најмалку една година; Да поседуваат Статут или Решение за регистрација на здружението или фондацијата; Да дејствуваат на територија на Општина Центар; Да поднесат Извештај за користење на средствата од Буџетот на Општината доколку во 2019 година добиле средства преку Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите и да се занимаваат со активности и проекти од јавен интерес во согласност со Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите на Општина Центар за 2021 година, информираа од Општина Центар.

Од Општината посочија дека рокот за поднесување на предлог проектите е заклучно со 12.02.2021, повеќе информации за повикот, како и пријавата и образецот за пријавување заинтересираните здруженија и фондации можат да ги најдат на општинската веб страна.


Администратор
15/01/2021 13:37