Сопственикот на компаниите „Тесла“ и „Спејс-Икс“, Илон Маск, кој неодамна беше прогласен за најбогат човек на светот, повторно се најде на второто место на листата најбогати, откако неговото богатство падна за скоро 14 милијарди долари за еден ден.

Акциите на неговата компанија за електрични возила – „Тесла“, вчера паднаа речиси за осум отсто, со што нето-вредноста на богатството на Маск се намали за 13,5 милијарди долари, на 176,2 милијарди долари.

Така, според проценките на Форбс, откако минатиот петок накратко го престигна извршниот директор на „Амазон“, Џеф Безос, како најбогата личност на светот, Маск повторно се најде на второто место на таа листа.

Сега заостанува околу шест милијарди долари зад Безос, чија нето-вредност се проценува на 182,1 милијарди долари. И акциите на „Амазон“ вчера паднаа за повеќе од два процента, што значи намалување за 3,6 милијарди долари.

И покрај падот, Маск е сè уште околу 20 милијарди долари побогат од третиот најбогат човек во светот, францускиот тајкун во секторот луксузни стоки, Бернард Арно. Неговото богатство, пак, се проценува на 154,6 милијарди долари.


Администратор
13/01/2021 02:21