Украинската тенисерка Дајана Јастремска, објави соопштение во врска со наводите за користење допинг.
– Пред неколку дена, ИТФ ме извести дека на 24 ноември 2020 година, мојот примерок бил позитивен на метаболит местеролон. Цврсто изјавувам дека никогаш не сум користела допинг или нелегални супстанции. Зачудена сум и шокирана, особено ако се земе предвид дека две недели пред тоа – на 9 ноември – на турнирот во Линц, поминав негативен тест. По овој последен турнир годинава, престанав да тренирам за одмор пред почетокот на новата сезона, истакнува Јастремска.
Дваесет и деветтата тенисерка на светот, додава дека мошне мала концентрација на посочената забранета супстанца била пронајдена во нејзината урина.
– Со оглед на оваа мала концентрација и мојот негативен тест две недели порано, добив научна процена дека овој резултат може да значи случајно изложување на супстанцијата. Покрај тоа, јас сум информирана дека е наменета како лек за мажи, а на жените не им се препорачува да го користат поради негативните ефекти што ги предизвикува.
Јастремска, поради доверливоста на постапката во оваа фаза, не сакаше да сподели со јавноста дополнителни информации.
– Сепак, јас и мојот тим работиме на ова, и бидете сигурни дека сум решена да направам се за да докажам дека моето име е чисто, потенцира тенисерката.