Во Берово одржана последната седница на Советот на кој беше усвоен буџетот за наредната година. Буџетот е проектиран на сума од 298,6 милиони денари денари и на истиот како што информираше градоначлникот на Берово, Звонко Пекевски му претходеа предлози од граѓаните, неформални средби со граѓани, на кои што беа истакнати приоритетите и потребите на граѓаните.-Буџетот е изготвен, водејќи се од начелото на почитување на принципот на буџетска дисциплина и транспарентност и може да се каже дека истиот е развоен. Содржи реализација на капитални проекти, инфраструктурни проекти, проекти од областа на спортот и културата, социјална заштита, туризам, локален економски развој, енергетска ефикасност, животна средина и противпожарна заштита. Ги содржи сите компоненти, предвидени во програмите, понатаму како што ќе добиваме трансфери од повисоко ниво на власт, тој секако ќе претрпи измени, рече Пекевски.

Во рамките на процесот на изготвување на буџетот како што додаде, земени се во предвид истакнатите проблеми на граѓаните, кои се доставени по приоритет по претходно објавен повик.За донесувањето на буџетот советниците на опозициската ВМРО ДПМНЕ, гласаа воздржано.-Гласавме воздржано затоа што сметаме дека така предложениот буџет, не го подобрува квалитетот на животот на граѓаните на Берово. И покрај тешката состојба во која се наоѓа општината, тие не се откажуваат од непродуктивните трошења и партиските вработувања, истакнаа од опозициската советничка група.

Претседателот на беровскиот Совет, Јован Матеничарски додаде дека како и на претходните, така и на последнaта седница, советниците работеле конструктивно и во интерес на граѓаните.-Можам да констатирам дека Советот на Општина Берово си ја заврши улогата за која е избран од страна на граѓаните. Донесени се програми и реализирани извештаи на програмите и сите други потреби кои се во интерес на граѓаните на Општина Берово, рече Матеничарски.Основниот буџет во Берово е проектиран на сума од 94,7 милиони денари, од кои тековно оперативни расходи се 61,4 милиони денари или 64 проценти, додека капиталните расходи изнесуваат 33,3 милиони денари или 36 проценти.