Вкупно 60 стари лица од кои најголем дел од селските средини во Берово ќе бидат опфатени со проектот „Возврати со љубов, грижа и почит”. Проектот е делот од планот за социјална заштита на Општината од каде информираа дека истиот е финансиран од Министерството за труд и социјална политика, по претходно одобрена апликација.
-Се работи за проект, кој ќе овозможи помош и нега во домашни услови на стари и изнемоштени лица на територијата на Општина Берово и лица кои живеат во руралните населби. Имплементацијата на овој проект, ќе овозможи директна услуга кон корисниците во нивните домови, што посочува на вонинституционална грижа на ранливи категории граѓани и овозможува нивна поголема интеграција во општеството, истакнаа од Општината.
Основната цел на проектот, како што додадоа е подобрување на квалитетот на живот на старите луѓе во руралните средини на територијата на општина Берово и овозможување достапни услуги за корисниците во нивното место на живеење.
За реализација на активностите од проектот ќе бидат ангажирани 20 лица, даватели на услуги, кои ќе се стекнат со професионални вештини и сертификат за нега на стари лица во домашни услови, меѓу кои 1 возач, 1 социјален работник и еден асистент на проект. Со проектот ќе бидат опфатени 60 стари лица, од кои 12 лица од Берово, а останатите од селските населби, додадоа од Општината.
Градоначалникот на општината Звонко Пекевски го поздрави овој проект и додаде дека обезбедувањето на квалитетни социјални услуги на локално ниво, е важна активност за поддршка на ранливите групи граѓани и за промовирање на пристојно живеење на сите граѓани на Oпштина Берово.