Зимско национално првенство во мали базени се одржа во Спортскиот Центар Борис Трајковски во Скопје, во организација на Национална Пливачка Федерација. Оваа манифестација се одржува повеќе од 60 години и им дава можност на младите пливачи да постигнат резултати и да напредуваат во нивните спортски кариери.

Во првенството зедоа учество 310 млади пливачи во категоријата од 25 метри, поделени во 5 старосни категории 12, 14, 16 и 18 години, од сите активни пливачи во Скопје и Битола. Настанот беше во согласност со мерките и протоколите укажани од Владата за натпревари и тренинзи, со тоа што беше намален бројот на пливачи, беше поделен на неколку делови, а од публика дозволено беше учество само на тренери и службени лица.

- Во текот на целата година пливачките клубови а и федерацијата организираа низа на пливачки натпревари и пливачки маратони кои поминаа во најдобар ред со почитување на протоколите за справување со Ковид-19. Пливањето е важна физичка активност, потребна за правилен раст и развој на младите. Би сакал да искажам благодарност кон спортските пливачки работници кои со несебичен труд и волонтерство се посветени да донесат среќа, радост и многу успех кај нашите пливачи од најмала па се до најголема возраст постигнувајќи државни рекорди и многу значајни резултати во нивните прекрасни кариери, вели Александар Филипчев, претседателот на Федерацијата.

За настанот беше обезбеден најмодерниот уред за електронско мерење на времиња, а од Белград беше изнајмена најсовремена опрема со учество на пливачките клубови - членки на Федерацијата.

Со завршување на сите 4 дела од Зимското Национално Првенство во пливање кое се одржа на базенот Борис Трајковски, официјално прогласени се најуспешните пливачи по категории:

Мажи во категорија сениори - Деркоски Филип П.В.К.Орион, категорија младинци - Стојановски Андреј ПК Нептун, категорија кадети - Стојановски Андреј ПК Нептун, категорија постари пионери - Јанковски Јован П.В.К.Орион и категорија Помлади Пионери - Бошнаков Димитар ПК Скопје.

Жени во категорија сениори - Блажевска Еминова Миа П.В.К.Орион, категорија Младинци - Блажевска Еминова Миа П.В.К.Орион, категорија кадетки - Блажевска Еминова Миа П.В.К.Орион, категорија постари пионерки - Дамјанова Софија ПК Октопод и категорија помлади пионерки - Танаскоска Катја ПК Скопје.

- Првенството се одвиваше во супер спортска атмосфера каде се почитуваат фер плејот и сите правила на натпреварот. Би сакал да напоменам дека досега се соборени повеќе државни рекорди а постигнати се многу резултати кои се најдобри постигнувања кај нашите македонски пливачи. Во една од трките земаа учество и пливачите од Специјалната Олимпијада на Македонија и тоа му даде посебен драж на првенството. Забелешките и коментарите на сите 16 клубови кои земаа учество се позитивни затоа што нашите колеги - спортски работници ја разбираат тежината на организацијата во ваква ситуација. Би сакал да изразам голема благодарност до сите пливачи, тренери , клубови и спортски работници кои со својата работа овозможуваат насмевки и радост кај нашите деца и пливачи, додава Миро Крстевски, делегат на првенството и претседател на еден од најголемите македонски пливачки клубови - ПК Бета Шаркс Скопје.