Со пари од ЕУ фондовите за прекугранична соработка, општина Дојран почна со реновирањето на Саат кулата и турската бања (амамот), препознатливите објекти кои по 130 години ќе го вратат духот на старото маало во Дојран, велат од локалната самоуправа.

Двата културно историски објекти, кои по реновирањето ќе бидат тавени во функција на развојот на туризмот во Дојран,биле разурнати за време на Првата светска војна како и во балканските војни.

Според проектот, за кој се одобрени над 250 000 евра, предвидено е да се изврши расчистување и уредување на теренот и реставраторски и конзерваторски работи на сочуваните делови заради зачувување на автентичноста на објектите од 19 век кои предизвикуваат интерес кај туристите.

Покрај ова, постојните патеки што ги поврзуваат објектите, во должина од околу 500 метри,ќе бидат поплочени и поврзани со блиските улици.

-Враќањето на стариот сјај на Саат кулата ќе придонесе многу за развојот на туризмот во Дојран и за привлекување на нови туристи. Своевремено со 10 метри височина доминирала и сега со новата височина од 18 метри повторно ќе доминира во околината. Саатот ја имал улогата на узвестител за времето по кој се ориентирале занаетчиите и трговците за отворање на дуќаните,а рибарите за одење на мандрите, рече дојранскиот градоначалник Анго Ангов.