Делегација на Општина Велес по повод 118-годишнината од смртта на македонскиот револуционер Миле Поп Јорданов денеска положи цвеќе и се поклони во негова чест на неговиот гроб во црквата „Св. Пантелејмон" во Велес.

Со тоа му оддадоа почит на ликот и херојскиот подвиг на овој велешки и македонски јунак, чиј живот завршува на само 24 години. Во нерамноправна борба со Турците, а не сакајќи да падне во нивни раце тој сам си го одзема животот пукајќи си со последниот куршум во слепоочницата. Неговата трагична смрт е опеана во народната македонска песна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов" е и официјална химна на Општина Велес.

Миле Поп Јорданов бил роден 1877 година во Велес во семејство на револуционери и видни претставници на македонската авангарда. Со значајни револуционерни дела и подвизи, од неговото семејство, се истакнуваат и неговите браќа Јордан Поп Јорданов-Орцето и Петар Поп Јорданов.

Во македонската историја Миле Поп Јорданов е запишан како истакнат револуционер кој активно работи за интересите на револуционерното движење за слободна Македонија.