Новогодишното украсување на дел од плоштадот во центарот на Гевгелија синоќа заврши со поставување разнобојни сијалички кои го симболизираат ѕвезденото небо.
Канделабрите се, исто така, украсени со новогодишни форми, а на почетокот и крајот на градското шеталиште се поставени две елки за да можат дечињата да се фотографираат со Дедо Мраз.
-Поради ковид пандемијата годинава се одлучивме за поскромна варијанта на украсување за која, со одлука на општинскиот Совет, издвоивме 230.000 денари, доволно колку да се почувствува претпразничната атмосфера во градот, велат од Општина Гевгелија.
Посочија дека заштедените 800.000 денари, кои беа одвоени за истата цел, останале во ставката на општинскиот буџет за елементарни непогоди, од каде дел се донирани за доградба на дневниот Ковид центар, а дел ќе бидат наменети за капитални расходи, пред се, за реконструкција на улици во градот и населените места.