Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево во 2020 година најмногу средства потрошила за набавка на нови книги. Директорката Биљана Петровска информираше дека библиотеката во тековната година набавила вкупно 382 наслови и 1216 книги во вредност од близу 373 илјади денари.
-Во годината што изминува, Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево се трудеше на своите полици да ги има сите наслови кои беа нови, актуелни, интересни и пред се барани од читателите. Ги купивме сите наслови што беа најнови, атрактивни и што привлекоа внимание насекаде, па и кај нас. Со оглед на тоа што во 2019 година ги обновивме лектирните изданија, оваа година купивме помал број на лектири 15 наслови од лектирни изданија или 30 лектири. Имаме набавено и детска литература, сликовници и боенки, такви имаме 20 наслови или 60 книги или вкупно за книги во годината што изминува библиотеката потрошила 372.839 денари, рече Петровска.
Бројот на членови во библиотеката, заклучно со месец декември изнесува 477 читатели.
-До денес ,бројот на членови изнесува 477, од кои 31 се со семејна чланарина. Од вкупниот број на членови, 393 се жени и 84 читатели се мажи. Продолжуваме и понатаму да работиме транспарентно, отчетно, нашите читатели и понатаму ќе бидат пред се, а нивните барања и желби за книги, се наш приоритет, додаде Петровска.
Од библиотеката додадоа дека иако заради КОВИД-19, библиотеката околу 3 месеци била затворена, сепак и во услови на пандемија библиотеката реализирала 14 активности и настани.