Дебарската Територијална противпожарна единица, интервенираше во гаснење на пожар во соседното погранично албанско село Блато, информираше преку објава на Фејсбук, градоначалникот на Дебар Хекуран Дука.
– Дебарските пожарникари, учествува во гаснење на пожар во Блато, Република Албанија кој избувнал во штала а постоеше опасност пламените јазици да ја зафатат и куќата во чиј двор била таа. Интервенцијата беше брза и ефикасна, напиша Дука.
Според Командирот на ТППЕ, Џетан Мифтароски интервенцијата била по дојава од албанска страна од каде е побарана помош.
– Нашата интервенција беше од хуман аспект, како што и досега сме интервенирале повеќе пати во пограничните делови кај нашиот сосед. По барање од нивна страна, а во договор со градоначалникот Дука интервениравме во гаснење на пожар кој избувнал во штала за добиток во селото Блато, кое е во непосредна близина на истоимениот граничен премин. Поради близината ние пристигнавме веднаш и со брза интервенција спречивме проширување на пожарот,кој имаше опасност да ја зафати и куќата која беше до опожарениот објект, изјави Мифтароски за МИА.
Добитокот, нагласува тој, сопствениците успеле да го извадат навреме од шталата.
Додава дека годишно имаат по две до три интервенци во пограничните албански села и нагласува дека тоа е потврда на поговорката дека „соседот е поблизок од брат“.
Инаку, дебарската ТППЕ,освен во општина Дебар интервенира и во соседните општини Центар Жупа и Маврово Ростуше, односно подрачјето на Река и во просек годишно има по околу 160 интервенции.