Со новата концепција наставата ја доближуваме до современите образовни системи. Промените во работата на воспитно-образовните институции, како и воспоставувањето на целосно нова образовна концепција за основно образование се во интерес на учениците, рече Анита Анѓеловска директорка на ОУ „Кирил и Методиј“ во Стајковци која учествуваше во подготовката на новата концепција.

Таа во видео обраќање каде ја промовираше концепцијата, зборуваа за интегрирањето на повеќе научни дисциплини во двата предмета општествени науки и природни науки и како тоа ќе се одрази на учењето на учениците, но и работата на наставниците.

Според Анѓеловска, оваа концепцијата подразбира унапредување на секој поглед следејќи ги промените на законската регулатива преку концептот за граѓанско образование кој беше претходно изработен.

-Начелата на основното образование поттикнуваат најдобар интерес и целосен развој кај ученикот, еднаквост, достапност, пристапност. За да формирам мислење деновиве многу активно ги следев сите засегнати страни во воспитно-образовниот процес, стартувајќи од родителите, учениците и наставниците но ги анализирав и постоечките наставни програми кои во голем дел се застарени и бараат промена, додаде таа.

Анѓеловска истакна дека интегрирањето на историјата со граѓанското образование и содржини по географија е добро и потребно е од повеќе причини.

-Пред се затоа што сакаме учениците да ја имаат врската со реалноста, да ги разгледуваат настаните, случувањата и промените од повеќе перспективи да покажуваат проактивност и да развиваат критичко и креативно мислење, да развиваат способности и вештини за истражување и решавање проблеми и да се оспособат за натамошно образование и доживотно учење како изградени личности и активни граѓани на една демократска држава, посочи Анѓеловска.

Советничката од Бирото за развој на образование, Ивана Мијиќ која исто така учествуваше во подготовка на концепцијата, во видео обраќање објасни дека со новата концепција во основно образование наставниот предмет природни науки ќе биде застапен и ќе се изучува во текот на сите одделенија во основното образование, започнувајќи од прво заклучно со деветто одделение.

-Новината во оваа концепција е во третиот развоен период од трето до деветто одделение. Наставните предмети биологија, хемија и физика ќе се интегрираат во единствен предмет природни науки. Со наставниот предмет Природни науки од седмо до деветто одделение ќе се обезбеди интегриран систем, ќе се обезбеди континуитет во изучувањето на научните дисциплини биологија, хемија и физика и она што е важно модулите биологија, хемија и физика ќе обединуваат содржини од научна област, посочи Мијиќ.

Таа вели дека овие модули ќе корелираат меѓусебно, ќе обезбедуваат интегриран пристап и во текот на целата учебна година ќе се изучуваат синхронизирано, паралелно и на таков начин и соработката на наставниците во планирањето и организирањето на наставата ќе се подигне на многу високо ниво.