Еднократната парична помош од 30.000 денари ќе добијат околу 230 лекари, медицински сестри, болничари и технички персонал, кои изминатите месеци лекуваа и се грижеа за ковид болните на штипскиот ковид центар, опфаќајќи ги одделенијата Инфективно, Кожно и Анестезиологија.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека средствата на вработените ќе бидат исплатени на нивните сметки на почетокот на наредната недела.
– Половина од здравствените работници во штипската Клиничка болница се вклучени во битката со коронавирусот. Токму овие вработени, кои лекуваат и се грижат за пациентите во ковид центарот се наградени со 30.000 денари, вели Ѓеорѓијев.
Очекува деновиве по официјалното назначување и преземање на функцијата градоначалник на Општина Штип, од страна на Сашко Николов, со што завршуваат и сите изборни дејствија веднаш да го распише конкурсот за нови вработувања во болницата. Ѓеорѓијев потенцира дека министерствата за здравство и финансии за 2020 година имаат одобрено 17 нови работни места..
– Овој конкурс ќе биде распишан во текот на наредната недела, а во него нема за прием на нови лекари, само еден стоматолог. Конкурсот е пред се за да го надополниме недостатокот од медицински сестри, физиотерапевти, болничари, рече Ѓеорѓијев.
Во ковид центарот хоспитализирани се вкупно 59 пациенти, од кои 56 на Инфективно и тројца во Анестезиологија, на кислородна поддршка се 28 тешки пациенти, а починати се двајца, 77 годишен од Берово и 82 годишен пациент од Штип.