Општина Кочани ќе ги инвестира добиените 44,5 милиони денари од државниот буџет за реконструкција на главниот потисен цевковод за водоводната мрежа во градот и дел од населените места.
Финансиската помош ја додели Владата по пренамената на средствата за изградба на карго аеродромот кај Штип, а локалната самоуправа на Кочани наскоро ќе ја почне постапката за реализација на градежните работи.
-Се планира да се заменат 2250 метри на постојниот цевковод, од бунарскиот систем Грдовски Орман до изливниот базен на препумпната станица, при што ќе се постават дуктилни цевки од лиено железо со пречник од 508 милиметри. Со реконструкцијата ќе се обезбеди поголема издржливост и долготрајност на системот, особено што токму оваа делница поминува низ оризовите полиња и е неговата најслаба точка. Вкупната должина на цевководот е околу пет километри, а пред десетина години беше направена реконструкција на околу 1,3 километри, така што останува да се обнови уште делот од препумпната станица до фабриката за вода, истакна Андреј Киров, директор на комуналното претпријатие „Водовод“ од Кочани.
Цевките на потисниот цевковод се стари повеќе од 40 години и потенцијално се подложни на пукање и загуба на големи количини вода. Со реконструкцијата „Водовод“ ќе може да го обезбеди максималниот капацитет до потрошувачите од 280 литри вода во секунда.