Планинарскиот-спортски клуб „Голак” продолжува со уредувањето на локалитетот во близина на врвот Мала Чавка на планината Голак.

Како што информираше претседателот на клубот Љупчо Чучуковски на врвот ќе бидат овозможени повеќе содржини за туристите кои ќе ја посетат планината.

– Како дел од оваа активност предвидено е поставување на металниот столб со табличката за врвот Мала Чавка кој се наоѓа на 1508 метри надморска висина.

Во наредниот период истиот ќе го поставиме на врвот, каде со анкери ќе биде поставен на бетонски постамент. На столбот ќе ставиме кутија во која ќе има тетратка и пенкало за запишување на сите кои ќе го посетат врвот и ќе сакаат да напишат по нешто интересно, информира Чучуковски.

Ваков столб со табличка како што додаде, клубот планира да постави и на врвот Чавка на 1538 метри надморска висина.

– Столбот и постаментот е финансиран од Општина Делчево. Сметаме дека на ваков начин ќе ја зголемиме туристичката понуда во градот и ќе придонесеме за поголема посетеност на местото, додаде Чучуковски.

Претходно ПСК ,,Голак” изврши обележување на патеката до врвот Мала Чавка која е дел од првата планинарска транверзала на крајниит Исток.