Во Ресен денеска беше отворена нова детска градинка „Јаболче“ изградена по најсовремени стандарди со капацитет да згрижи 102 деца, за што од Министерството за труд и социјална политика се издвоени 29 милиони денари. Објектот „Јаболче“, ќе работи во склоп на детската градинка „11 Септември“, а беше изграден во период од 10 месеци.
На свеченоста присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и градоначалникот на општина Ресен Живко Гошаревски.
Посакувајќи градинката постојано да биде полна со детски џагор и од неа да произлезат научници, професори, писатели, доктори…, со кои ќе се гордее државата, претседателот на Владата посочи дека високо на владината агенда е обезбедување услови за правилен детски развој од најрана возраст.
-Тоа е возможно да го постигнеме со проширување на капацитетите на градинките, со отворање нови на целата територија на нашата држава, но и со надградба на компетенциите на кадарот, кој има одговорна задача во процесот на градење на личноста на идните наши генерации, истакна Заев.
Отворањето на градинката „Јаболче“, нагласи, ќе придонесе кон квалитетен развој на децата во Ресен, а ќе претставува и голема помош за родителите, кои можат да бидат спокојни додека ги извршуваат секојдневните работни обврски, знаејќи дека нивните најмили се на сигурно.
-Ресенчани се сеќаваат каква руина беше овој објект. Сега е навистина задоволство да се види како прерасна во објект целосно адаптиран на потребите, а постигнат е и висок ефект во поглед на енергетски ефикасен објект, за кој за градежниот дел беа обезбедени 22,1 милион денари и уште 6,8 милиони денари за опремување, рече Заев.
Пандемијата со Ковид-19, додаде, е предизвик со кој се соочуваме секојдневно во сите аспекти од нашето живеење.
– Отворањето и функционирањето на градинките во овој период беше сериозен процес, кој можам одговорно да кажам дека успеваме успешно да го менаџираме. Обезбеден е неопходниот кадар за нормално функционирање, се почитуваат сите протоколи и се прават редовни контроли и надзори. Уверен сум дека таков ќе биде случајот и тука, нагласи премиерот.
Тој потсети дека во периодот од 2017 година до сега отворени и проширени се капацитети на 63 објекти низ целата држава, преку што е обезбедено згрижување на 3.386 деца.
Ресорната министерка Шахпаска вети дека како одговрна Влада ќе продолжат да инвестираат, како што рече, во она што претставува човечкиот капитал, почнувајќи од најмладите. Според неа, концептот едно општество за сите е реалност, бидејќи во градинката ќе претстојуваат деца од сите националности, Македончиња, Ромчиња, деца од турска и албанска националност.
-Концептот едно општество за сите ќе функционира и тука. Овие деца преку игра и дружење ќе градат пријателства ќе градат мостови, ќе се градат во идни градители на оваа наша држава, нагласи Шахпаска.
Потсети дека од почетокот на мандатот, од 29 август ова е шеста градинка која е ставена во употреба, при што е обезбедено сместување за 415 деца, а до крајот на годината ќе бидат пуштени во употреба уште три нови објекти.
Проектот, како што нагласи градоначалникот, е од огромна важност за општина Ресен.
-Владата и локалната самоуправа се грижат за нашите најмлади. Обезбедуваме квалитетни услови за ран детски развој, а со тоа обезбедуваме еднакви можност за сите деца. Изградивме градинка според европски и светски стандарди, онакви во какви што нашите деца треба да растат, да се развиваат и треба да учат, рече Гошаревски.
Премиерот Заев кажа дека во Преспанскиот регион се реализираат 18 милиони евра донации од кои 10 од Европската унија, а осум од УСАИД и други донаторски институции.
Во буџетот за идната година предвидени биле 100 милиони денари за Преспа дијалог центар, од кои 30 милиони денари биле планирани за реконструкција на старото училипте во Љубојно кое се прави музеј за македонски јазик, 44 милиони денари за чистење на плажите во Преспа, вадење на муљта со цел рехабилитација и обновување на Преспанското езеро…