Општина Тетово досега плати дел од финансискиот надоместок за пожарникарите во Тетово, а во блиска иднина целосно ќе ги исплати и преостанатите два дела од овој надоместок во вкупен износ од 40.000 денари за секој пожарникар.
Општина Тетово во однос на денешниот протест одржан во кругот на тетовската територијална противпожарната единица организиран од членовите на независниот синдикат на државната администрација посочи дека во иднина ќе ги доплатат додатоците на плата за пожарникарите согласно договорот со нив.
-Општина Тетово досега плати дел од финансискиот надоместок за пожарникарите во Тетово, а во блиска иднина целосно ќе ги исплати и преостанатите два дела од овој надоместок во вкупен износ од 40.000 денари за секој пожарникар. Во границите на важечката законска рамка, се обидовме да ја поддржиме и да покажеме дека ја цениме работата која ја извршуваат пожарникарите во Тетово, служејќи им на граѓаните не само на Тетово, туку и на уште 5 други околни општини, соопшти Општината.
Според општинските власти, за регулирање на статусот и задоволување на потребите на пожарникарите потребна е посветеност на државно ниво бидејќи овој проблем не е локален, туку е проблем на целата држава.
Утрово во 10 часот дел од пожарникарите одржаа протест барајќи од општината како основач да ги исплати ветените додатоци на плата кои беа предмет на договор во јуни 2019 година.