Во Инфективното одделение при Општата болница со проширена дејност во Дебар, каде се третираат болни од Ковид-19, почина пациент на 81-годишна возраст.
-И покрај сите напори на здравствениот персонал синоќа почина пацентот кој повеќе денови беше на кислородна поддршка. Во Одделението моментно се третираат 10 пациенти, сите на кислородна поддршка, 15 се третираат амбулантски, неколку се хоспитализирани во здравствени установи во Скопје, изјави за МИА епидемиологот Ментор Меља, раководител на дебарската работна единица за јавно здравје.
Според него, вкупниот број заразени во општините Дебар и Центар Жупа, кои со својата надлежност ги покрива оваа единица, е 575, од нив активни на болеста се 169, оздравеле 382, додека починати се вкупно 24 лица.
Општинскиот Оперативен штаб на Дебар на последната седница ја оцени епидемиолошката состјба со Ковид-19 како сериозна.
Оценка е дека сето тоа е последица на непочитувањето на мерките за спречување на ширењето на заразата затоа апелираат до граѓаните и деловните субјекти за строго почитување на мерките, носење заштитна маска, одржување физичка дистанца и хигиена, ограничување на движењата, избегнување групирања и собирања, како и почитување на работното време.