Во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“, денеска беше отворена изложбата на дела од авторот Влатко Тасевски. Кумановци имаат можност да разгледаат 16 дела од авторот поставени во изложбениот салон. Ова е прва самостојна изложба на слики од 28 годишниот кумановец во која доминираат портрети.
-Најмногу се женски портрети со комбинирана техника – масло и акрил. Мојата љубов и интерес кон уметноста започнува од рана возраст, сликам скоро цел живот, но последниве неколку години се фокусирав да почнам нешто посериозно да се бавам со уметност. Првото мое искуство беше на изложбата „Самоуки“ каде што се претставив со две слики, едната беше портрет, другата беше акт, двете беа масло на платно и беше баш пријатно. Имам уште дела, десет дела се во подготовка, се надевам дека во наредниот период ќе ги изложиме и тие, ќе направиме нова изложба со малку поразличен стил од оваа, бидејќи се уште се пронаоѓам себе си, се уште немам стил по кој би бил препознатлив, изјави авторот на изложбата Влатко Тасевски.
Изложбата ја отвори историчарот на уметност Роберт Цветковски, потенцирајќи дека уште на неговото прво претставување на „Самоуки“ можело да се забележи дека станува збор за мошне талентиран автор кој што е на прагот да направи свој специфичен ликовен израз по кој ќе биде препознаен пошироко, и од ликовните критичари и од ликовната публика.
-Авторот се уште професионално не се занимава со ликовната уметност, претежно се занимава со спорт, меѓутоа една од поважните работи за кои се интересира е сликарството и она што е карактеристично и за него е неговиот интерес за портретното сликарство. Инаку се интересира и за човечката анатомија, и за животните, меѓутоа она што моментално му е во фокусот е портретната уметност. Се занимава со портретот, но не го работи портретот само како некое негово видување од надворешна страна, туку она што него го приближува кон професионалните ликовни уметници е самиот факт што кај самите портрети се обидува да навлезе малку во психолошката состојба на предметот кој што го претставува. Можете да видите една галерија на портрети, повеќето се женски и се во една определена психолошка состојба и тоа Влатко умее да го види и да го претстави, изјави Роберт Цветковски, историчар на уметност
Изложбата на слики од Тасевски ќе биде поставена до 25-ти месецов. Заинтересираните можат да ја проследат изложбата почитувајќи ги здравствените протоколи.