Локалната библиотека „Гоце Делчев“ од Велес, месецов по повод 3 декември Меѓународиот ден за лицата со инвалидност издаде и онлајн промовираше три аудио книги за деца.

Станува збор за „Сон на тркала“ од Стојан Тарапуза, „Сказна за детето Вилен“ од Глигор Поповски и „Грдото Пајче“ од Ханс Кристијан Андерсен..Овие аудио книги се финансирани од Министерството за култура и ги има во библиотеката , а и на веб страницата на библиотеката има линк кон Националниот сојуз за слепите на Македонија www.nssrm.org.mk за бесплатно онлајн преслушување, односно читање.

Локалната библиотека „Гоце Делчев“ од Велес е единствена од локалните библиотеки во внатрешноста на земјава, која има катче за слепи читатели со аудио книги и книги со Брајово писмо. Гордана Васковска, в.д директор информира дека со реализација на проектот снимање на аудио книги се поттикнување на љубовта на децата кон книгите, затоа што со нив е олеснет пристапот кон книгите, истите можат да ги користат и пред да знаат да читаат како и зачувување на културното наследство, т.е заштита на книгите од уништување со нивното префрлање во аудио форма, односно дигитализирање.

Таа потенцира дека следејќи ги трендовите на модерниот живот, аудио книгата зема се поголем замав. Поради темпото на живот, луѓето се повеќе се насочуваат кон слушање на книги во автомобил додека патуваат, при рекреативни активности.

– Затоа реализацијата на овој проект има големо значење не само за слепите лица, туку и за целата популација. Со оглед на светската пандемија со коронавирусот, библиотеката увиде дека се зголеми побарувачката за аудио книги и пристапи кон збогатување на катчето со аудио книги, појасни Васковска. Инаку, велешката библиотека секоја година го збогатува својот фонд на аудио книги. Воедно, локалната библиотека „Гоце Делчев“ како резултат на заедничката долгогодишна соработка воспоставена со Меморандум за соработка доби поклон од Здружението за слепи лица, девет книги со Брајово писмо, подготвени со финансиска поддршка на Општина Велес .

Тоа се книгите: „20.000 милји под морето“ од Жилн Верн, „Гроб за душата“ од Живко Чинго „Чија си“ од Сашо Насев, „Милион маченици“од Ристо Крле, „Дилбер Стана“ од Столе Попов, „Дружината братско стебло“ од Јован Стрезовски, „Оливер Твист“ од Чарлс Дикенс,„Островот со скриеното богатство“ од Роберт Стивенсон и „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски.

Велешката локална библиотеа „Гоце Делчев“ располага со 50-тина книги на Брајово писмо и секоја година овој фонд се збогатува со нови наслови.

Првите книги на Брајово писмо, Здружението за слепи лица од Велес ги подготви и промовира во 1996 година и континуирано секоја година нивни изданија и доставува и на велешката библиотека „Гоце Делчев“.