Кумановскиот Центар за социјални работи од почетокот на годинава евидентира 56 жртви на семејно насилство, соопштија денеска надлежните од установата. Тие велат дека најчесто жртвите се жени на различни возрасти. Од Центарот за социјални работи појаснуваат дека по добиена пријава или известување веднаш преземаат мерки за заштита како што се психо-социјална поддршка, советодавна работа, сместување во Центар за лица жртви на семејно насилство.
По добиената согласност од страна на жртвата во рок од 24 часа, Центарот праќа предлог мерка до Основниот Суд, а ако жртвата е согласна се упатува во специјализирано советувалиште за жртви на семејно насилство.
-Поднесени се 40 предлози за изрекување на мерки до Основниот Суд Куманово од нив, 17 забрани за малтретирање, вознемирување и контактирање, 15 предложени и изречени мерки, забрана да се заканува дека ќе стори семејно насилство пет, забрана да се приближува до живеалиште, три изречени мерки задолжително лекување од алкохол и една жртва била сместена во Центар за лица жртви на семејно насилство, изјави директорката на Центарот за социјални работи, Алескандра Арсовска.
И во периодот на вонредната состојба и сега, ЦСР Куманово работи без прекин, додава Арсовска, се прифаќаат сите лица кои имаат потреба од помош и заштита, работата и надвор од работното време и за време на викендите преку дежурна телефонска линија 075-362-881 за сите итни случаи.
Таа оцени дека соработката со останатите институции како што се МВР-СВР Куманово, ОЈО, Основниот Суд, Општата Болница,Агенција за вработување и други е на високо ниво и во случаите на семејно насилство се работи мултидисциплинарно. Покрај мерките на заштита се преземаат и мерки на економско јакнење на жртвата преку вклучување во системот на социјална заштита доколку е невработена и материјално необезбедена и ги исполнува законските услови за остварување на права од социјална заштита, како и нејзина активација на пазарот на трудот.