Граѓанските организации НВО Инфоцентар од Скопје и Активо од Велес, денеска донираа бесконтактни топломери наменети за потребите на градинките во рамки на Oпштинската јавна установа за деца од претшколска возраст – Детска градинка „Димче Мирчев“ во Велес.

Донаторите посочуваат дека препознавајќи ги потребите на локалната заедница за заштита од пандемијата КОВИД-19, НВО Инфоцентарот и Активо преку оваа граѓанска иницијатива им помагаат на градинките во општина Велес, успешно и во континуитет да ги спроведуваат протоколите за заштита и превенција од коронавирусот.

-Граѓаните и локалните заедници се соочени со големи предизвици во превенцијата, заштитата и лекувањето од коронавирусот. Нашата акција е само мал придонес кон заедничката борба против Ковид-19 и заедничките напори да им овозможиме на децата безбеден, безгрижен и разигран престој во градинките дури и во услови на пандемија, велат од Инфоцентар и Активо.

Инаку оваа граѓанска акција е дел од проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“ поддржан од Меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска.