Довршувањето на останатиот мал дел од локалниот пат од Гевгелија до планинското село Ума, се најде во листата на регионални приоритетни предлог проекти за збогатување на туристичката понуда во Југоисточниот плански регион за 2021 година, потврдија денеска од Општина Гевгелија.

Од општините во крајниот југоисток од земјава, по еден проект од областа на збогатувањето на туристичката понуда им беше одобрен уште на Дојран и Валандово.

Општина Дојран ќе ја доврши изградбата на рекреативната пешачка патека кон граничниот премин Стар Дојран, а Општина Валандово ќе добие средства за изградба на туристичка патека од манастирот „Свети Ѓорги“ до Исар Кулата.

Буџетот на проектот што ќе се реализира во четири општини од југоисточниот регион, изнесува повеќе од 23 милиони денари кои се наменети за развој на рурален, езерски, ловен, културен, црковен и планински туризам во 2021 година.