Oпштина Велес е единствената општина во државата која е вклучена во проектот Монументал мк – Тура за споменици и бруталистичка архитектура во Македонија. Спомен костурницата во Велес, заедно со уште триесетина монументални објекти се наоѓа на Туристичкиот водич што го изработи Институтот за стратешки истражувања и едукација. Овие уникатни објекти, со огромно историско значење, можат да се најдат и на мобилната апликација MONUMENTAL MK. Апликацијата нуди уникатно искуство поврзано со подзаборавеното архитектонско наследство.Општина Велес вчера во салата го презентирала овој проект како и сувенири изработени во рамки на проектот, денеска информираат од Општина Велес.

Тие потенцираат дека Спомен-костурницата на загинатите борци од Народноослободителната борба од Велес и велешко, лоцирана на влезот на Велес се наоѓа во непосредна близина на автопатот „Пријателство“ и претставува идеална можност за попатна пауза.

Од Општина Велес очекуваат дека преку овој проект ќе се постигне уште поголема промоција на значењето на Спомен костурницата и ќе биде уште попривлечна за домашни и странски туристи.

Институтот за стратешки истражувања и едукација, во рамки на проектот, издаде туристички водичи достапни на пет јазици, бесплатна мобилна апликација, интернет страница и промотивни сувенири.

Како што информира д-р Дарко Спасевски проектен менаџер„целта на проектот е да ја возобновиме бруталистичката архитектура на земјите од Балканот, да ја поврземе како и да ја промовираме пошироко и да ја направиме видлива. Станува збор за различни објекти, споменици, покрај кои секојдневно минуваме,потенцира Спасевски.

Проектот Монументал мк – Тура за споменици и бруталистичка архитектура е финансиран од Европска Унија.