Општина Валандово распиша тендер со што официјално ја почна постапката за изградба на нова детска градинка во селото Јосифово, потврди градоначалникот Перо Костадинов.

– Новата градинка во Јосифово ќе биде современ објект, енергетски ефикасен, изграден по сите европски стандарди за објекти од ваков тип и ќе има капацитет за згрижување на 60 дечиња кои ќе ги имаат сите неопходни услови за престој во градинка, рече Костадинов.

Градинката во Јосифово ќе се гради во рамки на проектот за подобрување на социјалните услуги, кој се реализира преку Министерството за труд и социјална политика, со цел да се зголемат капацитетите за грижа и сместување на деца од претшколска возраст.

Општина Валандово посочи дека финансиската поддршка за изградба на градинката во Јосифово ќе биде обезбедена од Светската банка.