Берово започна новогодишно да се украсува. Новогодишни светилки и разни видови други украси денеска се поставуваа во централното градско подрачје, а до крајот на неделата, како што информираа од Општината ќе бидат поставени и на други локации во градот. Додадоа дека украсувањето годинава се реализира, со цел да се внесе малку живост во градот, откако поради пандемијата најголем дел од културните настани беа откажани.
-Поради Ковид-19 пандемијата во оваа 2020 година немавме некои позначајни културни настани како што е Етно плоштад фестивалот и други настани од областа на културата и затоа решивме дел од тие средства да ги намениме за да внесеме малку ведрина во градот. Знаеме дека Берово како туристичко место ќе биде меѓу најпосетените од страна на беровци кои што ќе се вратат дома, така што сметаме дека ова ќе биде одлука во корист на граѓаните, информираа од Општина Берово.
Од општината потврдија дека иако има негодувања од граѓани, според нив ова е година кога Општината има вратено најмногу средства кај граѓаните, поради што сметаат дека одлуката градот Новогодишно да се украси е оправдана.
-Негодувањата на граѓаните можеби се оправдани, но треба да се има во предвид дека Општина Берово во 2020 година има вратено голем број од средствата назад кон граѓаните. Обезбедивме средства за поддршка на воспитно-образовниот процес кај првачињата и средношколците од прва година гимназија, доделивме стипендии за талентирани ученици, имавме предвидено парична поддршка за новороденчињата, таблети за социјално-загрозени ученици и разни други форми на социјална заштита, поради што сметаме дека одлуката за Новогодишно украсување на градот е оправдана, додадоа од Општината.
Од општината посочија дека во врска со новогодишното украсување, до општината пристигнале и голем број позитивни коментари, што според нив значи дека Берово заслужува новогодишна атмосфера која ќе придонесе да се надмине мрачната состојба наметната од здравствената пандемија. За новогодишното украсување во градот општината ќе планира да издвои средства во висина од 200 илјади денари.