Петар Георгиев Калица, композитор и адвокат во пензија од Битола, неодамна го доби највиското општинско признание, наградата за животно дело „4-ти Ноември“. Во интервју, Георгиев Калица зборува за наградата, за љубовта кон музиката, за првите компонирани композиции, за неговата надалеку позната песна „Ако одам во Битола“.
Што за вас значи да се добие највисокото признание на градот?
– Веднаш ќе одговорам со едно големо МНОГУ! Да, многу бидејќи тоа е потврда за сето тоа што целиот живот сум го работел со љубов за Битола. Случувањата во градот, како порано така и денес, животни судбини на некои луѓе, серенадите, пајтоните, бројните чаршии низ градот…станаа моја животна опсесија која ги обои сите мои песни. Наградата е поттик и обврска да се продолжи со работа без оглед на новите состојби предизвикани со оваа пандемија која ја чуствуваме сите. Во оваа прилика сакам да изразам и благодарност до граѓаните на Битола кои во голема мера ја помогнаа мојата работа на полето на музиката, секоја моја песна ја прифаќаа и слушаа со задоволство, и среќен сум што таквата атмосфера се уште ја чуствувам. Исто така, сакам да изразам благодарност до сите со кои изминатите години сум соработувал и кои несомнено имаат придонес во тоа што го постигнав како автор: Миодраг Нечак-Микс, Маргарита Христова, Каролина Гочева, Билјана Дамјановска, Марјан Нечак, Сефедин Бајрамов, Зоран Маневски, групите „Боеми“, „Битолски конзули“, „Елита“ и други. Тоа се луѓето кои своевремено беа т.н. Битолска естрада.
Колку време се занимавате со компонирање на музика? Која е првата песна?
– Со пишување музика почнав во средношколските денови, кога бев во втора година во Средното музичко училиште во Битола каде како ученик, покрај другите музички предмети, ги изучував и виолончелото, како главен инструмент и клавирот како спореден инструмент. Гитарата со која дотогаш другарував и без која денот не можев да си го замислам како да падна во сенка. Бев опиен од музиката на Битлси и Ролинг стоунс, друга музика освен нивната за мене не постоеше, јас растев со таа музика која редовно беше присутна во нашата куќа, а мојот постар брат веќе ја свиреше таа музика по игранки со својата група. После запишувањето во Средното музичко училиште, за кратко време, почуствував дека влегувам во светот на една друга музика-сериозната музика. Ја имав таа среќа да учам „занает“ односно музика од прекрасни професори како што беа Михајло Николовски, Петар Сидовски, Радмила Поповска и Томе Јанакиевски. Се уште се сеќавам на еден совет, како да беше вчера, даден на часот по „Контра-пункт“ од страна на професорот Михајло Николовски, тој велеше- „Ученици ако некогаш почнете да се занимавата со пишување музика добро би било да посветите внимание на староградската македонска песна, оваа област од народното творештво дава големи можности за инспирација и творење“.
Очигледно, во мојот случај, професорот беше во право и овој совет на профеосорот се уште е присутен во мојата работа. Е, сега за мојата прва песна. На мојата прва песна некако магловито се сеќавам и никогаш не сум успеал повторно да ја отсвирам. Меѓутоа, многу добро се сеќавам на мојата втора песна, на која често пати се навраќам. Оваа песна во една прилика, му ја отсвирив на мојот професор Петар
Сидовски, кај кого ја имав таа привилегија да дискутирам за забавната музика, ова затоа што темата забавна и народна музика во училиштето беше „забранета“ и за тоа професорите имаа издржано оправдување. Професорот Сидовски ја следеше тогашната забавна музика, беше добро информиран за неа и токму заради тоа се обратив до него. Откако му ја отсвирив песната неговиот одговор беше,- „Слушај Петар песната е добра како од мелодиски, така и од хармонски аспект, меѓутоа песната има призвук на детска песна“. На овој одговор нормално немав коментар, но бев задоволен затоа што сепак основните параметри за една песна сум успеал да ги запазам. Оваа песна никогаш не е изведена, остана моја мала тајна за моите почетоци, за она што следуваше во наредните години па се до денес.
Кој е мотивот да пишувате песни за сите генерации?
– При пишувањето на песните никогаш не сум тргнал од тоа дека некоја од нив или некои од нив треба да се однесуваат на некоја генерација или конкретен настан или личност. Кога ја пишувам песната пишувам истовремено и музика и текст, начин на пишување кој беше изненадување за моите колеги автори кога се среќававме на фестивалите и дискутиравме на оваа тема. Исто така, никогаш не сум седнал крај клавирот и не сум ја зел гитарата со цел да напишам нешто. Седнувањето до клавирот или пак земањето на гитарата секогаш ми беше со цел да отсвирам нешто за своја душа, но секогаш, без исклучок, после првите отсвирени акорди почнуваше да се раѓа песна и тоа истовремено како музика и како текст.
Претежно работев во ноќните часови, тогаш е најтивко, вистинско време за творење. Имаше ноќи кога пишував по три до четири песни, но некогаш песната што сум ја започнал, за да созрее, морав на неа да работам подолго време. Често пати се случуваше да работам и по цела ноќ, се до зори, остануваше време само да се средам и да одам на работа во фирмата во која работев како правник. Се сеќавам дека најдолго работев на песната „Печалбарска балада“ (Баладата за Димко и Трена) изведена од Сузана Спасовска и Борис Чорески на Фестивалот „Цветници“ во 1996 г. Сите останати песни сум ги пишувл релативно брзо. Инспирација имав секогаш и во секој момент-тука беа Широк сокак со своите стари и руинирани фасади кои секој ден ги чуствував како да раскажуваат од некој балкон, порта или пенџере за испеаните серенади, за заљубените беќари и мераклии кои некогаш беа опиени од возвратената љубов од убавите битолчанки, а некогаш разочарани се опиваа по битолските меани, потоа Дембел чаршија, пајтоните, сокаците, стројниците а посебно ми беа интересни кафеанските приказни кои често пати во себе криеја и животни судбини. Сеќавањата и спомените на битолчани за Битола траат и понатаму, а Широк Сокак како инспирација никогаш нема да престане.
Опишете го денот кога ја компониравте легендарната песна „Ако одам во Битола“…
– Оваа песна ја напишав во време кога на полето на музиката паузирав подолг временски период, а тоа беше време кога за да ја исполнам желбата на татко ми, се запишав на Правен факултет. После завршување на факултетот се вработив во фирмата „ХМС Стрежево“-Битола, од чиј колектив имам прекрасни спомени, а подоцна во 2000 г. започнав да работам како адвокат и тоа траеше се до одењето во пензија. Меѓутоа, и покрај преокупираноста со правото и трката по судовите, во мене остана нешто како желба, „заклетва“ дадена во време кога ги започнав студиите по право, дека морам да напишам песна за Битола. На песната никогаш не сум работел активно, едноставно чекав песната сама да излезе од мене, за секој автор таквата песна е „она вистинското“. Денот „Д“ се случи во едно септемвриско попладне во 1988 г. Беше тоа некое чудно и врнежливо попладне, со гитарата свирев нешто неодредено колку да ми помине времето. Во еден момент почуствував како од мене да излегува нешто…песна, тоа беа првите ноти од песната, заедно со текстот, уште истиот момент почнав да си потпевнувам: Ако одам во Битола, после тоа следуваа Широк сокак, Дембел чаршија, рефренот, па пајтоните, мераците и тн., песната веќе беше готова, што се вели „во еден здив“. Уште веднаш, да не се случи да ја заборавам, го зедов касетофонот и ја снимив. Откако ја преслушав песната неколку пати заклучив дека во неа нема ништо што би требало да се корегира – звучеше како конечна верзија и во таа форма остана се до денес.
Песната првпат е изведена на Фолк Фест „Валандово 1989 г.“ од Октет „Македонија“ во аранжман на Ѓорѓи Димчевски. Уште на првата фестивалска вечер, на која не присуствував, а ја следев преку МРТВ, песната добро помина. Веднаш по изведбата на песната телефонот почна непрекинато да ѕвони, почнав да примам честитки, некои луѓе во песната препознаа нешто несекојдневно што е интересно за Битола и битолчани. Од повеќето, мора да го спомнам судијата Сотир Секуловски кој во својот коментар беше сосема краток: „А, бре Перо дали знаеш што си направил, си направил споменик за Битола“. Овој коментар делуваше мошне позитивно врз мене, ми ги разубави наредните денови, а овој коментар, од денешна дистанца, како да беше предвесник на тоа што следуваше после тоа. На фестивалот песната ја освои третата награда од стручното жири, наградата сега воопшто не е ни битна, но битно е што песната остана, влезе во животот на многу луѓе, се обнароди.
Во врска со песната, од битолчани, имав една забелешка на која кој знае колку пати сум давал објаснување. Имено, безброј пати бев прашан: „Која е таа Мермер чаршија?“ што се спомнува во песната, а таква чаршија во Битола нема!“. Морав да објаснувам дека станува збор за „Дембел чаршија“ а не за „Мермер чаршија“ која по грешка беше вметната во песната. Проблемот беше во човекот што ги лекторирал текстовите на фестивалските песни, „Дембел чаршија“ му звучело некако вулгарно и незнаејки дека таква чаршија навистина постоела во Битола, решил оваа чаршија да ја преименува во „Мермер чаршија“ а таква чаршија во Битола никогаш не постоела. Сепак, без оглед на ваквата корекција, песната продолжи да живее со својот оргинален текст, со „Дембел чаршија“. Оваа чаршија се уште е присутна во меморијата на битолчани како собиралиште на дембелите, но и на мераклиите и боемите каде со топло кафе и раатлук (локум) а понекогаш и со чашка ракија и скромно мезе го минуваа денот расправајќи за домашната и „светската“ политика, а често пати и за туѓите згоди и незгоди (гајлиња), заборавајки при тоа на своите.
Која е вашата „слаба страна“, забавната или народната музика/песна?
– Првите контакти со музиката ми беа песните на Елвис Присли и Реј Чарлс, тие беа идоли на мојот постар брат кои секојдневно ги слушаше и потпевнуваше. После извесно време имав прилика да ја слушнам на грамофонот прекрасната песна „Yesterday“ (Вчера), од Битлси. Оваа песна е и вистинската причина да останам заробен во светот на музиката за целиот мој живот. Мојата опседнатост со оваа песна отиде дотаму што нотите од првиот дел од песната ги испишав на ѕидот од мојата соба. Сакав и сакам, секое утро да се будам токму со оваа песна. Ова значи дека во времето некаде од 1963 година и натаму бев целосно опседнат и преокупиран исклучиво со музиката која тогаш се изведуваше и слушаше, во овој период во мене апсолутно немаше никаков интерес за народната песна. Народна музика слушав попатно, на семејни веселби, но мора да признаам дека бисерите од македонската староградска песна секогаш ми оставаа пријатен впечаток. Интересот за пишување на новокомпонирана народна песна се јави многу подоцна, во времето кога заживеа Валандовскиот фестивал 1986/1987 г., овој интерес во голема мера беше испровоциран и од советот на мојот професор даден на часот по „Контра-пункт“. Оттогаш, па се до денес бариерата која што ја имав помеѓу забавната и народната песна целосно исчезна, интересот за пишување помеѓу овие два жанра се изедначи, се‘ се сведе само на моменталното расположение како и на тоа какви ќе бидат првичните ноти кои ќе ги отствирам на клавирот или гитарата.
Кога станува збор за пишување музика, без оглед на жанрот, мора да изразам жалење за крајно лошата состојба на македонската естрада, ги нема повеќе фестивалите кои авторите со нескриена жар и желба секоја година ги очекуваа, имаше вистински натпревар на убавата песна, публиката-слушателите имаа што да слушнат, уживаа во убавата песна, нивото на музичките програми на радијата и телевизиите зрачеше од квалитет. Сега состојбата е жална, потребен е нов почеток но како и на кој начин, тоа е голем прашалник, затоа што ништо не бидува преку ноќ.
Колку песната/музиката помага во ова време на пандемија ?
– Пандемијата е зло кое го нападна целиот свет, искуствата од последиците се катастрофални. Должност е на секој граѓанин да ги почитува препораките кои секојдневно се даваат од страна на државата во насока на лична и колективна заштита. Во услови на пандемија, лично за мене, пишувањето и слушањето музика претставува чин на сериозна релаксација. Таа ослободува од товарот кој што сакале или не го чуствуваме сите, се разбира со строго почитување на мерките кои во овој момент се во сила.
Која е вашата порака во контекст на засаденото дрво и традицијата за наградата за животно дело?
– Годинава имав чест, а и мене ми беше редот да засадам дрвце во Алејата на добитниците на наградата за животно дело „4-ти Ноември“ на Општина Битола. Засадувањето на дрвото, како чин со кој се одбележува доделувањето на оваа награда и нејзиниот добитник, претставаува прекрасна традиција воспоставена од страна на Општината од пред три години, и се надевам дека оваа традиција ќе опстои, дека од година во година ќе се надградува, и ќе прерасне во потсетник дека секој од нас има обврска да даде свој придонес во изградбата на една нова и европска Битола, рече Петар Георгиев Калица.