Преку ангажирање волонтери Општина Делчево ќе им помага на лицата во изолација на кои им е потребна достава од намирници. За таа цел, како што информираа од Општината објавен е јавен повик за волонтери кои ќе бидат вклучени во реализација на оваа активност.
-Општина Делчево објави Јавен повик за организирање волонтерска работа и ангажирање на 10 волонтери со цел мапирање на семејствата и на лицата кои се во изолација и на кои им е потребна услуга од достава на намирници, лекови, средства за дезинфекција и сл. Волонтерската работа може да се врши лично, по телефон или преку интернет, а кандидатите кои ќе поднесат барање за волонтерство во Општина Делчево треба да имаат завршено најмалку средно образование, информираа од Општината.
Барањето за волонтерство во Општина Делчево, заинтересираните кандидати можат да го поднесат заклучно со 18 декември 2020 година.
-Во услови кога живееме со мерки за спречување на појавата и ширењето на коронавирусот и голем број семејства се во изолација, волонтерството е соочено со предизвик и има посилен мотив за реализација на волонтерски активности. Волонтерите доброволно го посветуваат своето време заради заедничко добро и без финансиска добивка. Силната волонтерска култура дава подобри резултати за луѓето, заедниците и природната средина, го помага давањето услуги и го подобрува менталното здравје и добросостојбата на самите волонтери, додадоа од Општината.
Оттаму додадоа дека изборот на кандидати за волонтери ќе биде направен по соодветната евалуација на поднесените документи и спроведеното интервју со сите пријавени кандидати, по кое ќе биде изготвена ранг листа која што ќе биде објавена на веб-страната на Општина Делчево.