Со свечена седница на Советот на Општина Струмица и Света божествена литургија во црквата „Свети петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ во Струмица се одбележува Денот на заштитниците на градот-Светите петнаесет.
За значењето на овој ден на седницата говореше градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
-Значајните датуми од минатото кои се вгнездиле во кодот на нашето постење, се длабоко врежани во колективното паметење на сите генерации струмичани, но денот на страдалничката смрт на мачениците – 28 ноември по стариот или 11 декември по новиот календар, е секако врвот на сите наши горди празнувања. Овој ден со посебен пиетет го славиме како Ден на заштитниците на Струмица и токму во него мора да го пронајдеме тројството кое го сочинуваат: трајните вредности на петнаесетте Тивериополски свештеномаченици, вредностите на нашата Струмица и вредностите кои ние како луѓе треба да ги поседуваме и да ги негуваме, рече Јаневски.
Празникот на Струмица го честиташе и премиерот Зоран Заев.
-Ве уверувам дека го празнувам денот денешен, како да сум со Вас. Да го чуваме здравјето и животот во ова пандемиско време, оти сме си потребни едни на други, оти сме им потребни на ближните свои, и конечно, оти потребни сме и на Струмица. Нека е благословен и за многу години Денот на заштитниците на Струмица, Свети петнаесет Тивериополски свештеномаченици, напиша во честитката претседателот на Владата, Зоран Заев.
На свечената седница традиционално беа доделени годишните награди и наградата за животно дело “Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици”.
Годишната награда на Општина Струмица ја добија Панче Николов за особен придонес во областа на крводарителството и хуманоста, Никола Делевски и Димитар Џорлев за особен придонес во областа на образованието и науката.
Наградата за животно дело ја доби ликовниот уметник и педагог Ниче Василев за особен придонес во областа на уметноста.
Градоначалникот Коста Јаневски за особен придонес во борбата против пандемијата од Ковид-19 им додели признанија на Општинската организација на Црвен крст Струмица, ЈЗУ „Општа болница Струмица“, ЈЗУ„Здравствен дом“ и Центарот за јавно здравје Струмица.
Одбележувањето на празникот на градот завршува вечер со промоција на книгата „Араптази“ од Иван Котев.