Во Локалната библиотека „Благој Мучето“ во Струмица денеска беа доделени наградите од литературниот конкурс по повод Денот на заштитниците на Струмица – Свети петнаесет Тивериополски свештеномаченици, кој се одбележува утре.

Во категоријата средни училишта првите три награди им беа доделени на средношколци од СОУ„Јане Сандански“ Струмица – најдобар творец е Светлана Иванова, втора е Верица Апостолова, а третонаграден е Панче Ангелов.

Во категорија на возрасни творци првата награда и припадна на Емилија Карафилоска од Охрид, втората на Марија Симоновска од Прилеп, а третонаградена е Славица Андреева од Струмица. Покрај дипломите, творците од оваа категорија добија и парични награди.

Во категоријата на основни училишта најдобар е текстот на ученикот Христијан Вртев, ученик во седмо одеделение во ООУ „Видое Подгорец“.

Свеченостите по повод патрониот празник на Струмица продолжуваат вечер со отворање на изложбата на фотографии и слики од Боро Арсовски.

Одбележувањето продолжува утре со Света Божествена литургија која ќе се одржи во црквата „Свети петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, а потоа во големата сала на НУЦК „Антон Панов“ ќе се одржи свечената седница на Советот на општина Струмица, на која ќе бидат доделени годишните награди и наградата за животно дело.

Одбележувањето ќе заврши со промоција на книгата „Араптази“ од Иван Котев.