Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на својот фејсбук профил ги повика граѓаните да им се приклучат на протестите кои ќе ги организираат пред МНР и пред Владата на Република Македонија потенцирајќи дека на тој начин ќе започнат со блокирање на центарот на Скопје, поради изјавите на Заев дадени за БГНЕС и поради тајните преговори кои ги води со Софија.

- Дозволете ми најпрвин да се заблагодарам на поддршката која што ни ја давате изминативе денови. Истата таа не мотивира да истраеме во нашата борба против погрешните политики на владата предводена од Зоран Заев.

Ова се историски моменти. Ова се моменти кога се одлучува и за иднината на македонскиот народ, македонската нација и македонската држава. Ова се моменти кога се потврдува тезата дека договори потпишани набрзина, не само што не се решение туку напротив самите по себе претставуваат проблем за иднината на Македонија во рамките на ЕУ. Тоа за жал не успеа да го види Зоран Заев и денеска наместо решение истото тоа претставува проблем.

Само политички аматер може да потпише договор во кој што критериум за напредокот на Македонија и нејзината интеграција во рамките на ЕУ ќе бидат лингвистичките проблеми и проблемите со историјата. Само политички аматер може во една таква подредена состојба да ја донесе сопствената држава, сопствениот народ и сопствената нација. Затоа ве повикувам масовно без разлика на политичката припадност, без разлика на верската и етничката припадност почнувајќи од 12:30 завршувајќи во 14 часот да се приклучиме на протестите кои што се натпартиски, обединувачки и гласно да зборуваме. Гласно да зборуваме против овие погрешни политики на Владата на СДСМ предводена од Зоран Заев.

Ја користам оваа прилика, истовремено, да се извинам на моите сограѓани скопјани за можеби сообраќајниот метеж кој што ќе се случува. Ве молам имајте разбирање за сето ова кое што денеска го правиме затоа што ако денеска не успееме се плашам дека некои идни генерации ќе имаат можност грешката која што денеска ќе ја направи Зоран Заев и СДСМ да ја поправат.

А до политичарите, сакам една порака да упатам. Немојте да се дрзнете да го чепкате македонскиот идентитет, македонскиот јазик, посебност, македонската историја, традиција, обичаи. Немојте да се дрзнете и да помислите и да се откажете од македонското малцинство кај нашиот источен сосед затоа што таа хартија која што вие ќе ја потпишете е безвредна.

Следната Влада која што ќе биде Влада на единство, истото тоа парче хартија нема намера да го почитува.

Затоа почитувани сограѓани денес е денот кога треба да сме масовни и гласно да зборуваме.

Ве повикувам, уште еднаш, сосема на крај да ни се придружите заедно да победиме во спасот на македонската иднина и иднината на македонскиот народ, повика Мицкоски.


Администратор
01/12/2020 01:12