Младинската организација YEP („Youth Empowerment Platform) отвори центар за работа CoWork – Гостивар за поддршка на млади претприемачи и лица кои работат од далечина. Основачите на центарот сметаат дека на ваков начин ќе им се помогне на младите да ги спроведат нивните идеи и да развијат бизнис, а се соочуваат со недостиг од канцелариски простор и опрема.
Директорот на Центарот Арлинд Муслиу на отворањето нагласи дека примарната цел е да се поддржат младите во нивната намера полесно да стигнат на пазарот ан трудот.
– Во новоотворениот центар CoWork – Гостивар се нуди модерен и иновативен простор кој ќе ги мотивира младите претприемачи. Тука идните корисници на просторот може да бидат луѓе од различни професии, како правници, сметководители, маркетинг менаџери, архитекти, фотографи, видео-едитори, консултанти и лица од струки кои се тесно поврзани со дигиталните трендови, рече Арлинд Муслиу, директор на центарот.
Градоначалникот на Општина Гостивар, кој присуствуваше на отворањето на центарот, нагласи дека како локална власт ја интензивирале поддршката на младите и рече дека ова е трет проект за нив. Според него, во овој центар младите од Гостивар ќе имаат можност да ги развиваат и шират нивните идеи со минимални трошоци.
Проектот CoWork е финансиски поддржан од Општина Гостивар, организацијата Ворлд Чикаго од САД и од локалната компанија Лаки Медија.
Муслиу посочува дека во Гостивар и околината има младите луѓе кои се креативни и имаат бизнис идеи, но им треба ваков простор за да започнат.
– Гостивар има многу талентирани и мотивирани млади луѓе кои се спремни за следниот професионален чекор со започнување на персонален бизнис. Има и многу успешни фирми кои се раководени токму од млади претприемачи, но неопходно искуство, вели Муслиу.
Центарот засега може да прими петнаесетина лица. Во првата година ќе се собираат повратните информации членовите на центарот. Во наредните фази ќе се бараат и финансиски средства за поддршка на креативни идеи од млади претприемачи. Ова е прв ваков центар во полошкиот регион, а основачите сметаат дека во кратко време ќе привлече внимание на дигиталните номади, луѓе кои работат од далечина, но истовремено сакаат авантури и запознавање нови места.