Ученичкиот Дом во Куманово е целосно реконструиран и се подобрени условите за живот и учење на сто и дваесет ученици. Домот, кој целосно е прилагоден за учениците со лесна физичка попреченост и направени се пет апартмани за средношколци – со лесна физичка попреченост, како и за згрижување на лица жртви на семејно насилство, на пожари и поплави, денеска го посети министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

– За првпат овозможивме упис на максимум шест ученици средношколци со лесна физичка попреченост. Вкупниот буџет е над 10 милиони денари, а главна цел на проектот е подобрување и осовременување на досегашните услуги и услови за целодневен престој на корисниците во Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“, како и воведување на нови услуги кои не постојат во регионот, а се однесуваат на згрижување на ученици со лесна физичка попреченост кои се во состојба да следат редовна средношколска настава и згрижување и целосен психофизички третман на жртви на семејно насилство и жртви од пожари и поплави кои се повремени корисници на услугите на Ученичкиот Дом, рече Милевски.

Како што информираат од Министерството за локална самоуправа, тој појасни дека за реализација на проектот е направена реконструкција и адаптација на Ученичкиот дом која опфаќа инфраструктурно уредување на просторот, приспособување на пристап за лица со посебни потреби, поставување на пристапна рампа и лифткар- гасеничар, прилагодување на дел од собите, односно изведба на тоалети приспособени за користење на лица со посебни потреби, промена на прозорци, врати и промена на фасада, преуредување на заеднички простории, сала за пинг-понг и прилагодување за користење за повеќе намени кои се во интерес на учениците како што е простор за регионални состаноци, обуки, семинари на коишто ќе има инфраструктурна пристапност и за лица со физичка попреченост.

Според амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер, социјалната инклузија е една од темите што, за жал, често се занемарува.

– Сепак, тоа е една од клучните швајцарски вредности со мотото „Никого не оставајте изоставен“, што е една од целите на ООН за одржлив развој. Затоа, социјалната инклузија како тема е вклучена во сите проекти финансирани од Швајцарската агенција за развој и соработка, впрочем тоа беше тема на овогодинешниот повик за грантови за инвестиции во рамките на Проектот за одржлив и рамномерен регионален развој. Многу сум среќна што сум денеска во Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ и ја гледам посветеноста на тимот да ги отвори вратите за жртвите на семејно насилство и природни опасности, како и да го направи достапен за студентите со попреченост, изјави амбасадорката Зутер.

Таа рече дека овој проект е само мал чекор кон постигнување кохезија во општеството, но сепак треба да послужи како пример за владата и локалните власти во подготовката на идните проекти и програми, секогаш да се земат предвид потребите на социјално исклучените луѓе.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, изрази задоволство од презентираното од страна на директорката на домот.

– Овие средства се успешно инвестирани во нашиот град, за подобрување на условите за живот на лицата кои што го завршуваат воспитно образовниот процес во нашата општина, а живеат во целиот регион и конкретно учат во средните училишта во општина Куманово. Посакувам уште вакви успешни проекти и секако честитки до реализаторот на проектот, имплементаторот и изведувачот, истакна Димитриевски.

Директорката на домот Љубица Павловски се заблагодари на сите кои вложија напори за домот повторно да добие нов лик.

– Ова донација како институција многу ни значи за да ги подобриме условите за живот и вршење воспитно образовна работа на учениците кои што доаѓаат од целиот Североисточен регион. На овој начин учениците ќе можат да се чувствуваат како дома, ќе имаат подобри услови и со тоа ќе се зголеми нивниот број и продуктивност. Се надевам дека вакви проекти ќе има уште, како за нашиот град, така и за другите општини во републикава, рече Павловски.


Администратор
26/11/2020 15:37