Целосно реконструиран и адаптиран е Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ во Куманово со капацитет за 120 ученици кои доаѓаат од целиот Североисточен Регион. Реконструкцијата е направена со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа и со неа се адаптирани и подобрени условите за користење и за лица со попреченост.

Првпат е овозможен упис на најмногу шест средношколци со лесна физичка попреченост. За нив се направени пет апартмани, како и за згрижување лица кои се жртви на семејно насилство, пожари и поплави.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски при посета на домот соопшти дека вкупниот буџет е над 10 милиони денари, а целта е подобрување и осовременување на досегашните услуги и условите за целодневен престој на корисниците, како и воведување нови услуги кои не постојат во регионот. Тие се однесуваат на згрижување на ученици со лесна физичка попреченост кои се во состојба да следат редовна средношколска настава и згрижување и целосен психофизички третман на жртви на семејно насилство и жртви од пожари и поплави кои се повремени корисници на услугите на домот.

Реконструкцијата и адаптацијата опфати инфраструктурно уредување на просторот, пристапност за лица со посебни потреби, поставување пристапна рампа и лифткар-гасеничар, приспособување на дел од собите и на тоалетите за користење на лица со посебни потреби, промена на прозорци, врати и промена на фасада, преуредување на заеднички простории, сала за пинг-понг и приспособување за користење за повеќе намени кои се во интерес на учениците – простор за регионални состаноци, обуки, семинари со инфраструктурна пристапност и за лица со физичка попреченост.

Преку форумски процеси, на почетокот од годинава проектот за реконструкција на Ученичкиот дом во Куманово доби најмногу поддршка од граѓанските форуми. Реконструираниот дом неодамна го посетија министерот Милевски заедно со амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер Техада и престтавници на локалната власт на Куманово.


Администратор
26/11/2020 13:46