Во детската градинка „Детелинка” во Крива Паланка потврдени се двајца вработени позитивни на Ковид-19, поради што од управата на установата е донесена одлука за затворање на градинката во следните 14 дена. Во објавата на фејсбук-профилот на ОЈУДГ „Детелинка” информираат дека станува збор за една негувателка, којашто беше дијагностицирана пред три дена, по што во изолација се дечињата од групата во која истата работеше, а по тестирање на сите вработени поради претпазливост, потврдено е присуство на вирусот и кај едно лице од техничкиот персонал. – Ги известуваме родителите дека во нашата градинка до сега се потврдени два позитивни случаи на корона вирусот. Заради навремена превенција и заштита на здравјето на децата, но и можна изолација на целиот кадар, градинката „Детелинка” нема да работи во следните 14 дена. Се надеваме дека се ќе заврши добро по здравјето на сите вработени и дечиња. Чувајте се сите и останете во добро здравје, се наведува во објавата на детската градинка. Од градинката посочуваат дека работата во градинката се реализираше во согласност со сите протоколи и мерки за заштита од Ковид-19.


Администратор
31/10/2020 16:58