Социјалниот живот на младите е префрлен на социјалните мрежи и се одвива онлајн. Тие многу повеќе се присутни на мрежите отколку што одржуваат жив контакт, и се помалку вешти во социјалната комуникација. Зависноста од социјалните мрежи кај адолесцентите доведува до зголемена депресивност, анксиозност, создавање негативна слика за себе, зголемена телесната тежина, но и осаменост.

Ова се заклучоците од денешната онлајн дебата „Дали ни е потребна медиумска диета?“ организирана од Институтот за комуниакциски медиуми како дел од „Неделата против лажните вести“ во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост“, финансиран од Европската Унија.

Училишниот психолог Ана Попризова на дебатата посочи дека генерацијата што сега се средношколци уште од своето раѓање се изложени на социјалните мрежи. Тоа секако ги менува луѓето, ги менува младите и според неа, е нешто што мора да се земе в предвид.

Попризова забележува дека младите во училиштата се групираат со останатите деца, но секој си го држи телеофонот во рака и секој си гледа и си „скрола“ што се случува во телефонот, а многу малку има гледање во очи и многу малку има директна комуникација.

-Сега целиот социјален живот на младите е префрлен на социјалните мрежи, и се одвива онлајн. Многу повеќе се присутни на мрежите отколку што се одржува тој жив контакт, практично комуникацијата се случува посредно. Ефектите од ова се дека целата оваа ситуација влијае на добросостојбата на младите, се забележува студиите покажуваат и зголемена депресивност, зголемена анксиозност, негативна слика за себе, се зголемува и телесната тежина и поприсутна е осаменоста кај младите, појаснува психологот.

Таа додава дека токму заради ова, социјалните вештини кај младите, кои се типични да се развиваат од помала возраст но многу се значајни како ќе се структурираат и развиваат во адолесценцијата, тие сега им се развиваат поинаку.

Психологот појаснува дека кога нема жива комуникација меѓу младите, односно кога пишуваат со некого онлајн, многу полесно стануваат агресивни и навредуваат, затоа нема да се соочат со реакција на соговорникот. Токму затоа, додава, станува се позачестен сајбер булингот, затоа што младите не го сфаќаат сериозноста на изразениот збор, затоа што не се случува во живо. Се чувствуваат помалку одговорни за зборовите што ќе ги кажат, ако се напишани.

На младите им е многу важен и имиџот и припадноста во групата, особено потенцира Попризова, ова се случува кај девојчињата. Затоа имаат голем социјален притисок како ќе се претстават на социјалните мрежи. Тоа ја зголемува анксиозноста: како ќе изгледаат, како да се фотографираат, која фотографија да ја објават.

-Таа припадност во групата или имиџот сега им се мери преку бројот на лајкови кои ги достигнуваат. Тоа ја зголемува напнатоста и на некој начин посветеноста, време што го поминуваат на социјалните мрежи или подготвувајќи се каква фотографија ќе стават или какон настан или кај ќе се чекираат. Тоа е додатен притисок на кој што младите се изложени а не веруваат ни самите а ни возрасните не се свесни, додава психологот.

Таа вели дека исто така се создава и чувство на хиперконектираност – постојано се случува нешто, постојано некој нешто постира на сите мрежи во секое време од денот, и тоа кај младите буди чувство дека постојано нешто се случува. Затоа младите се чувствуваат осамени и имаат лажен впечаток дека многу работи им се случуваат на другите, а само на нив им е тешко.

-Адолесценција е период кога првпат се формираат релации, врски, први симпатии, први љубови, и сега тоа ставете го само на социјални мрежи, може да се случи да вие комуницирате со одредена личност да споделите нешто лично и утре сте блокирани, немате никаква контрола ниту можност да разберете зошто тоа се случува, или најголем извор на анксиозност кај младите е „ме остави на seen“, кога ќе напишат нешто и очекуваат на тоа да им иде возрвратено а нема одговор од разни причини, додава психологот.

Васка Митова, специјалист психијатар на Универзитетската клиника за психијатрија на дебатата истакна дека не постои временско ограничување за користење на дигитални уреди. Нив ги користат и најмалите деца.

-И на мали деца од најрана возраст им се дава за да се смири детето, да јаде полесно, да гледа цртани, па само да си бира на јутјуб кој цртан да го гледа. Тука најдобро може да се види таа потреба на стимулација од допаминот, кога мало дете ќе пушти цртан па после пушта некој друг, да види нешто ново, некоја нова стимулација, односно бара уште допамин, додава таа.

За жал, појаснува Митова, ова има големо влијание не само врз физичкиот развој туку и врз психичкиот развој. Ги гледаме последиците во поглед на потешко градење на социјални вештини кои на младата личност и се потребни за да создаде длабоки релации со врсници, со фамилија.

-Тешко им е на младите да побараат помош кога имаат потреба, едноставно таа социјална интелигенција, тие вештини на комуниакција кои треба да ги изградиме бидејќи човекот е социјално битие, тие врски се или лабилни или слаби или многу површни. Комуникациските вештини кои се потребни за градење на добро пријателство генерално се ослабени. Младите многу често се чувствуваат сами или осамени и за жал на светско ниво се следи пораст на степенот на анксиозност, на депресија па дури и на обидот за суицид на обиди за самоубиство. Фрапантно е зголемување на овој процент во светски рамки и најмногу се поврзува со почетокот на користење на социјални мрежи, додава Митова


Администратор
31/10/2020 00:30