Координативното тело за справување со КОВИД-19 ги интензивираше мерките за превенција од коронавирус на територијата на Делчево. Со цел намалување и спречување на ширењето на заразата од коронавирусот, на денешниот координативен состанок надлежните ги усвоија новите заклучоци согласно со насоките од Владата и Дирекцијата за заштита и спасување.
-На состанокот присуствуваа одговорни лица од Одделението за заштита и спасување, комуналните редари од Општинскиот инспекторат и ТППЕ Делчево, Главниот заклучок во таа насока е Општина Делчево заедно со Територијалната противпожарна единица, комуналните редари и Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ да ја интензивираат дезинфекцијата на објектите на општината, основните и средните училишта, градинката, како и да извршат редовна дезинфекција на целата територија на Општина Делчево, истакнаа од Координативното тело. Поради зголемениот број случаи со КОВИД-19 во наредниот период, како што додадоа, ќе бидат затворени јавните детски игралишта кои ќе бидат видно обележани со забрана за нивно користење;
-Исто така, куќните совети и управителите се задолжуваат да вршат интензивна дезинфекција на станбените објекти. Продолжува и континуираната дезинфекција пред маркетите, аптеките, поштите, банките, пазарите, како и сите други фреквентни места на територијата на Општината. Останува препораката за почитување на забраната за групирање на јавен простор и останатите мерки предвидени во Законот за здравствена заштита на населението, стои во заклучоците од денешниот состанок.
Во наредниот период како една од мерките за заштита планирано е надлежните инспексицски служби да вршат редовна и вонредна контрола на сите јавни и услужни објекти во врска со почитувањето и спроведувањето на предвидените мерки за заштита. Исто така, како што дополнија надлежните, донесен е заклучок за интензивирање на медиумската кампања за подигнување на свеста кај граѓаните за почитување на мерките за заштита од КОВИД-19.
Во меѓувреме е завршено ажурирањето на планските документи на Општинскиот штаб за заштита и спасување на Општина Делчево, кој има набавено доволно средства за дезинфекција и други потребни материјали. Оттаму апелираат до граѓаните и сопствениците на трговските, услужните и угостителските објекти на територија на Делчево за почитување и строго придржување и спроведување на досега пропишаните протоколи и мерки за заштита од коронавирусот. Воедно, се апелира до граѓаните најсовесно и наодговорно да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот и со личен пример да придонесат во зачувување на колективното здравје.