Четворица млади македонски автори беа промовирани во рамки на Деновите на македонската култура во Будимпешта што ги организира Лекторатот по македонски јазик, Универзитет ЕЛТЕ и Здружението на Унгарци на Македонија- Теледом.

На промоцијата, како што денеска информира Лекторатот во Будимпешта, присуствувале писателите Петар Андоновски, Фросина Пармаковска и Давор Стојановски, а предвидено било и учество на Лира Бојку, која од оправдани причини, не можела да допатува во Будимпешта.

За промоцијата била издадена промотивна книга „Visszaszámlálás“ со фрагменти од делата на четворицата автори во превод на унгарски од Анамарија Цинеге-Панзова.

– Модератор беше познатата унгарска книжевна ѕвезда, Оршоја Карафиат („Малечката Лили“, Или-Или), а фрагменти од романите на писателите читаше познатиот унгарски актер Адам Бонц. Писателите ги престави Ненад Стевовиќ, уредник и сопственик на издавачката куќа Или-Или, кој зборуваше за идејата и за мотивите да им се даде шанса на млади талентирани автори, начинот на кои ги избира романите што ќе ги објави, а се осврна и на преводот на унгарски автори на македонски јазик, информира Лекторатот.

Според лекторот Златко Панзов, ваквиот тип на настани предизвикуваат голем интерес кај унгарската публика и се надева дека „Деновите на македонска култура во Будимпешта“ ќе продолжат да се одржуваат и понатаму. Тој изразил задоволство што и покрај ситуацијата со Ковид 19, сепак и годинава е реализиран дел од предвидената програма.

Претходно, на 13 октомври на покана од институтот Сивери од Веспрем, преведувачите Анамарија Цинеге-Панзова и Златко Панзов учествувале и на тркалезна маса на тема „Унгарската култура во Македонија, македонската култура во Унгарија: преводи и културна размена“, каде што станало збор за улогата на лекторатите во културната дипломатија, манифестацијата „Деновите на македонска култура“ и за плановите за поттикнување и унапредување на културната размена и преводите на македонски и унгарски јазик.

Деновите на македонска култура во Будимпешта 2020 се поддржани од Министерството за култура на Република Македонија.


Администратор
30/10/2020 11:18