Во организација на Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис денеска ќе се одржи онлајн настан „Дијалози за Дигиталната агенда“.

Настанот се организира во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА”, ко-финансиран од Европската Унија и се спроведува во шест држави: Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Естонија.

На настанот ќе биде претставен проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА” и мрежата ИЦЕДА како и Дигиталната агенда за Западен Балкан.

– Значењето на зголеменото учество на граѓаните при спроведувањето на Дигиталната агенда за Западен Балкан ќе биде претставено преку презентација на Извештајот за тековната состојба и патоказот за унапредување на Дигиталната агенда во Република Македонија кој е резултат на истражување спроведено од страна на Фондација Метаморфозис, посочуваат организаторите.

Настанот, посочуваат организаторите, ќе служи за развивање на дискусија за придобивките и предизвиците од спроведувањето на Дигиталната агенда во Македонија во денешен контекст, од што ќе произлезат заклучоци кои Фондација Метаморфозис ќе ги земе предвид при спроведување на своите понатамошни активности.

Најавено е учество на Јетон Шаќири, министер за информатичко општество и администрација, Фрејк Јанман, раководител на секторот за економски прашања, институционален развој и прекугранична соработка при Делегацијата на Европската Унија во Македонија и Бардил Јашари, извршен директор на Фондација Метаморфозис.