Семејството на 79- годишниот Трајко Бојоски, кој во понеделникот почина во Интерното одделение во Битола, уште не може да си ја земe отпусната листа како и извештајот за причините на смртта. Бојоски минал голгота по болничките ходници, приман па враќан на лечење. Ден пред смртта би официијално хоспитализиран, а следниот ден кога го посетиле бил врзан за креветот, а образложението било дека паднал од него.

-Мажот ми беше целиот изврзан како на бесилка. Рацете врзани за креветот и провиснати надолу и нозете врзани и расчекорени. Јас се запрепастив и барам сестра, ама нема. Вечерта отидовме пак, но го најдовме мртов без да бидеме известени дека починал. Абе како може, тука се слекуваат и облекуваат и никој да нема од персоналот. Кога свриштивме, дојдоа ама беше касно. Три пати што ги побарав, три пати во истата соба беа собрани заедно, од болничарка до сестри. Во салонот бомба да фрлиш, раскажува за Алфа сопруга Блага Бојоска.

Ќерката Гордана Пресилска револтирано вели дека битолската болницата пред крах, но и дека персоналот бил тотално незаинтересиран за болните - кои пак биле исплашени да не закачат корона. -Болницата не функционира, тотален колапс. Таму единствено што функционира е обезбедувањето. Одделенијата се празни, ништо не ни дадоа и не не известија. Пациентот починат, оставивме два мобилни телефони за контакт, спсолутно никој не не контактираше, а нивни број за контакт не даваат за да прашаме за нашиот пациент. Во која држава, со кој систем Филипче ова го развива, кое здравство и која Клиничка болница?, вели Пресилска.

Од Клиничката болница вчера не биле достапни за коментар за Алфа. Неофициијално дел од лекарите брифираат дека и таму се било ставено во служба на пациентите болни од ковид- 19. Таму сега и одделот за физикална терапија се подготвува да ги прими евентуалните пациенти. Никој не открива ниту колкав е точниот капацитет на болницата да згрижи пациенти со корона.