Здружението за унапредување на правата на музичарите, „Музика - Сега!“, јавно се оградува и НЕ ЈА ПРИФАЌА одлуката за „помош“ во вид на платежна картичка од 6000 денари за естрадните уметници и останатите музичари коишто не остваруваат буквално НИКАКОВ приход во сите изминати месеци, се вели во нивнот соопштение објавено на социјалните мрежи.

- Очекуваме преговорите за поинаков вид на помош кои се веќе отпочнати, час поскоро да продолжат и да дојдеме многу бргу до конкретни решенија и механизми кои непосредно и директно ќе им помогнат на сите засегнати луѓе. Овој „систем“ на „помош“ со разни платежни картички не го прифаќаме и најостро реагираме на вакво подбивање со јавноста и дефокусирањето дека во 4тиот пакет мерки се опфатени и овие луѓе, што апсолутно не е точно.

Оваа „помош“ и онака нема да стигне до повеќето луѓе што не фигурираат како пасивни баратели на работа и сите други што директно зависат и зависеле од неформалната економија.

Исто така, цениме дека самите категоризации и критериуми по кои се бира кому ќе биде доделена оваа „помош“ којашто не значи ништо и не може да покрие ниту еден минијатурен дел од секојдневните трошоци на овие луѓе, се тотално небулозни и вклучува повеќе категории и останува сосема нејасно врз база на кои параметри и критериуми е донесена оваа одлука, и кои претставници на музичарите и културните работници беа консултирани при донесувањето на одлуката.

Искрено се надеваме дека Владата и сите релевантни институции во НАЈБРЗ можен рок ќе реагираат и ќе предложат нови мерки за ДИРЕКТНА ПОМОШ на сите засегнати членови на здруженијата и дека конечно ќе се ревидираат сите протоколи за настапувања и концерти, затоа што во екот на пандемијата, кога имаме најголем број заразени, една цела дејност е тотално уништена и оневозможена да функционира и заработува, додека гледаме како слободно, по 24 часа работат обложувалници, казина и останати објекти коишто очигледно се „недопирливи.

Како силен аргумент го посочуваме и тоа што НИТУ ЕДНАШ не беше никаде официјално потврдено со конкретни бројки на кој настан, во кој ресторан, на која свирка или концерт се заразиле голем број луѓе, како што беше претставено во јавноста, додаваат од таму.