Болнички капацитети има сосема доволно. Целиот Клинички центар е во ситуација на мобилизација. Утрово имав состанок со директорите на сите интерни клиники, на списокот на лекари и медицински сестри се сите вработени лекари и медицински сестри од клиниките и по потреба ќе работат во дополнителните капацитети.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче по седницата на Советот за безбедност.-

– Со оглед на тоа што модуларната болница е речиси исполнета, обезбедени се дополнителни болнички легла на Институтот за белодробни заболувања, во рамките на повеќе интерни клиники, како и на клиниките за дерматологија и за неврологија, каде има пристап до централен довод на кислород, истакна Филипче.

Тој посочи дека во рамките на другите болници, секаде се ослободени интерните одделенија и целосно е ставен кадарот во мобилизација.

– Дополнителни одделенија се веќе спремни. И болнички легла има доволно и кадарот е спремен да работи со пациенти со Ковид. Граѓаните треба да бидат спокојни, никој нема да остане без здравствена заштита, без лекарска услуга. Апелирам да се почитуваат новите мерки. Вчера се изгласа измената на Законот за заштита на населението од заразни болести. Мерките кои се сега на сила се мерки кои се имплементирани во цела Европа, ограничениот капацитет на пополнување во јавниот превоз, задолжително носење маски на отворено, затворање на угостителските објекти во 23 часот, препораката да се работи од дома и онлајн, е нешто што доколку се почитува може сериозно да ја намали трансмисијата на вирусот, потенцира Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.

Министерот нагласи дека вчера се сретнал со претставници на Лекарската комора, а утре во 12 часот преку ЗУМ платформата ќе има состанок со 56 интернисти, кои, како што појасни, иницијално изразиле согласност и се подготвени да учествуваат во работата во клиниките во Скопје, во болниците во државата, како и да се приклучат во системот на дежурства.


Администратор
29/10/2020 18:18