Основниот кривичен суд Скопје, денеска ја објави пресудата за предметот во јавноста познат како „Специјална каса“ според која обвинетите Т.Ј. и С.М. ги огласи за виновни за кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл. 353 ст.5 в.в со ст.1 од КЗ и ги осудува на казна затвор и тоа: Т.Ј. на казна затвор во траење од шест години во која казна му се засметува времето поминато во притвор, а С.М. на казна затвор во траење од четири години.

Како што соопшти Кривичниот суд, за обвинетата К.Ј., пак, согласно член 403 ст.3 од ЗКП е донесена одлука со која ја ослободува од обвинение затоа што јавниот обвинител не докажал надвор од разумно сомневање дека обвинетата го сторила делото за кое се обвинува.

Согласно објавата на пресудата, се наведува, во текот на кривичната постапка која апочна во октомври 2019 година, одржани се вкупно 11 продолженија на главната расправа , а дел од расправите се одржаа во време на вонреда состојба заради пандемијата со Ковид – 19, при што судот ги обезбеди сите соодветни услови согласно протоколите за заштита. Изведени се предложените материјални и вербални докази и, по предлог на одбраната, сослушан е сведок преку видео конференциска врска со надлежен суд во Букурешт, Р. Романија каде се наоѓал сведокот.

-Врз основа на сето горе изведено судот утврдил дека обвинетите подигале парични средства за потребите на касата за исплата на средства за посебни намени за УБК, но воедно утврдено е дека евиденцијата за потрошените парични средства се уништени заедно со документацијата за исплата, односно главната книга за евиденција без за тоа да постои посебно одобрение од директорот на Управта и без за тоа да биде формирана комисија за ништење на материјална документација, стои во соопштението.

Против оваа пресуда странките, по приемот на пресудата, имаат право на жалба преку овој суд до Апелациониот суд, навеуваат од Основен кривичен суд Скопје.


Администратор
28/10/2020 14:52