На денешната седница Владата донесе одлуки за именување директори, в.д. директори и членови на управни одбори на повеќе јавни претпријатија и акционерски друштва во сопственост на Владата на Македонија, врз основа на предлозите на владината Комисија за именувања.

Согласно овие предлози, Владата ја прифати оставката на Борче Хаџиев, и го разреши од должноста директор на Фонд за осигурување на депозити, на негово барање, и за в.д. директор го именуваше Амир Шабани.

Владата ја прифати оставката на Армир Садики, и го разреши од должноста в.д. директор на Бирото за јавни набавки, и за директор на Бирото го именуваше Борче Хаџиев.

Владата на Република Македонија заклучи да му препорача на Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Македонија Ц.О. Скопје, за в.д. директор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Македонија да ја избере Билјана Јовановска, а за в.д. заменик директор да го избере Шаип Зенељи.

Владата денеска ја прифати оставката на Орхан Рамадани и го разреши од должноста директор на Фондот на здравствено осигурување на Република Македонија, на негово барање, и го именуваше Фатон Ахмети за в.д. директор на Фондот на здравствено осигурување до именување на директор по распишан конкурс, но не подолго од шест месеци.

На денешната седница Владата го именуваше Бесир Деари за в.д. заменик на директорот на Управата за финансиска полиција, а Блерим Идризи за в.д. заменик на директорот во Државниот завод за индустриска сопственост.