Медицинскиот кадар кој работи во лабораториите и останатите во здравствениот сектор никогаш не се доволни, и здравствените работници се разболуваат, имаат разни здравствени проблеми, апаратите се расипуваат, се сервисираат и сето ова ја усложнува работата и издавањето на резултатите. Затоа се апелите да се почитуваат мерките да не се оптерети премногу здравствениот систем за да може да одговори на сите барања, изјави во интервју за МИА директорот на Центарот за јавно здравје Александар Стојанов.

Усовоени се нови мерки, вие сте дел од Комисијата која ги предложи. Дали сметате дека овие мерки ќе вродат со плод, со оглед на зголемување на бројот на новозаразените изминатиот период или ќе има потреба од поригорозни?

Досега не можевме да ги имплементираме мерките кои ги донесовме уште пред десетина дена поради разни административни пречки и во наредниот период ако не се почитуваат ќе предложиме поригорозни мерки, па и полициски час. Од почетокот на епидемијата во земјава се забележуваат големи промени во пристапот кон тестирањето. Не се регистрираат контактите на заразените, не се тесираат нивните блиски, доколку немаат симптоми, а уште од почетокот се зборува дека асимптоматските случаи се најризични за ширење на заразата? Дали тоа се должи на неможноста за тестирање на толкава група на луѓе? Според протоколот за тестирање контактите на позитивните слиучаи се ставаат во изолација 14 дена и ако во овој период пројават симптоми тогаш се тестираат и без разлика на резултатот, поради продолжената инкубација, продолжуваат со изолација, додека позитивниот случај останува во изолација 10 дена. Во овој период ако остане без клинички знаци за болест, 11 -от ден е слободен. Но, ако во овој период се појават одредени клинички симптоми останува во изолација уште 10 дена, со тоа што последните три дена не треба да има никакви знаци и потоа е слободен. Овие протоколи се ускладени со СЗО, ЦДЦ, МАНУ и искуствата од многу други земји.

Вие сте запознаени со досегашниот процес на тестирање. Дали во земјава има доволно кадар да ги спроведуваат тестирањата доколку се поголем број лица имаат симптоми?

Медицинскиот кадар кој работи во лабораториите и останатите во здравствениот сектор никогаш не се доволни, и здравствените работници се разболуваат, имаат разни здравствени проблеми, жените забременуваат, апаратите се расипуваат, се сервисираат и сето ова ја усложнува работата и издавањето на резултатите. Затоа се апелите да се почитуваат мерките да не се оптерети премногу здравствениот систем за да може да одговори на сите барања.

Дали покрај стравот од вирусот треба да има и страв дека ако се зголеми бројот на заболени нема да може да се стигне до тестирање, изминатиот период има поплаки од граѓаните дека многу чекаат за термин за тестирање, една недела и повеќе?

Зголемениот број лица со индикации за тестирање го зголемува и времето на чекање затоа што немаме неограничени капацитети, но додека да се тестира сомнителниот пациент и додека да се добие резултат, потребно е да останат во самоизолација поради секоја сигурност.

До каде се брзите тестови, кои беа најавени?

Брзите тестови се тука, ќе се прават по поединечна индикација.

Може ли да ни појасните врз основа на кој критериуми се даваат решенија за изолација, дали тие решенија временски се исти за сите, до нашата редакција пристигнуваат реакции од граѓани дека некои добиле решение за 10 дена, некои за 14 дена и дали во периодот на изолација всушност лицето е на боледување?

Решенијата за изолација ги изготвува ДСЗИ, за сите позитивни случаи и за контактите кои треба да се во изолација (според проценката на ризик, која ја прави епидемиолог). Времето на изолацијата е оправдано отсуство со решение од ДСЗИ.

Во последно време често се информира за случаи на медицинсли лица кои даваат отказ поради замор и притисокот со кој се соочуваат во екот на падемијата? Дали такви поплаки имаат и вработените во Центарот за јавно здравје?

Можам да Ви одговорам за ситуацијата во ЦЗЈ- Скопје. Во моментот останати сме без двајца епидемиолога и еден микробиолог. Едниот е на боледување веќе подолго време, другиот најде работа во Холандија и колешка е на породилно отсуство. Имаме отсутни и по други основи, но добиваме и помош од други институции, така да ја компензираме работата, со напор.

Деновиве лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека членовите на Комисијата за заразни болести треба да дадат оставка бидејќи не се справуваат добро со ситуацијата. Партијата излезе со предлог за формирање нова специјална комисија за борба против Ковид 19, која ќе ја избира Собранието. Какви ги коментирате ваквите политики на опозицијата?

Секоја добронамерна помош е добродојдена, и комисијата е веќе заморена од осуммесечната постојана работа, сите сме и со други професионални задолженија и обврски и добро би ни дошла помош со нови луѓе со нови издржани идеи ако ги имаат.


Администратор
24/10/2020 13:24