Пофални зборови за актуелниот премиер на Република Македонија Зоран Заев и критики за поранешниот премиер Никола Груевски упати првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ а сега коалиционен партнер на СДСМ, Љубчо Георгиевски во интервјуто за бугарскиот БГНЕС по повод неговата средба со министерката за надворешни работи Захариева.

Според него, југословенската историографија ја призна македонската нација како најмлада на Балканот, а оти, како што вели, Никола Груевски со антиквизацијата и нанел тежок удар.

– Треба да ги признаеме заслугите на Зоран Заев поради неговата желба за пријателство со Бугарија, Заев и Бојко Борисов треба да изнајдат решение со кое ќе се тргне кон историско доближување, смета Георгиевски.

Вели дека т.н. „Длабока држава во Македонија“ составена од професори, новинари, вработени во службите кои не биле македонци во својата суштина ги подривала односите меѓу двете земји,

– И покрај „длабоката држава“ во Македонија, ние сакаме зближување со Бугарија, Гоце Делчев нè обединува, вели Георгиевски.

Тој додава дека Бугарија не сакала промена на нашиот Устав ниту пак нов Договор.

-Од бугарска страна, никој не сака промена на нашиот Устав и нов Договор. Ова лично го слушнав од бугарските политичари. Софија сака спроведување на Договорот од 2017 година и конкретни резултати од работата на Мешовитиот комитет за историски прашања, нагласува Георгиевски.

-Пред 4-5 години, ако некој земе бугарски пасош, тој беше распнат од јавноста, од соседи, роднини. Денес, добивањето бугарски пасош е нормално и не е проблем. Голем проблем пред години беше да се слушне бугарска песна во јавноста. Ако се сеќавате пред Ковид-19 во пограничните градови како Струмица, Крива Паланка и Делчево, во многу ресторани можевте да видите бугарски туристи како нарачуваат бугарска музика. Музичарите знаат бугарски и сега во Македонија може да се слушнат не само српски песни. Ако сакаме да слушаме македонски песни, мора да дојдеме во Бугарија, рече Георгиевски.