Додека министерот Венко Филипче тврди дека се тече вообичаено што се однесува до третирање на пациенти со сите останати проблеми, голготата што Сашо Здравевски ја поминува изминатите денови изгледа дека е апсолутен демант. Здравевски раскажува за телевизија Алфа, буквално од неговиот кревет дома бидејќи не може да стане од него. -Девет дена сум во изолација и три дена предходно сум во лежачка позиција. Во тие девет дена само два пати бев контактиран. Првиот пат од доктор Марија, епидемиолог од ИЈЗ, која ме извести дека сум во изолација, до 26 овој месец, поради контакт со лице кое е заразено со ковид. Вториот контакт кој го имав со доктор Марија беше поради проблемите со кичмата. Првичната терапија која што ми беше од матичната докторка не ми помага повеќе, јас имам страшни болки, особено навечер. Се обратив повторно до нејзе, бидејќи немам никакви симптоми за вирусот, дали може, приватно ако треба, да дојде екипа да ми направи тестирање бидејќи предходно имав закажано операција за кичмата. Истата ми рече дека тоа не е можно, никако, бидејќи за мене е задолжена матичната лекарка и треба да контактира со 8-ми Септември, раскажува Здравевски.

Неговата матична лекарка цел ден се обидувала да ја реши админситративната процедура но безуспешно. На крајот и било кажано дека неврохирург во ГОБ 8- ми Септември нема, а ако сакал на Клиника да биде лекуван ќе морал да биде сместен на Инфективна.

-Значи јас треба да се заразам за да бидам. Каде да се обратам и како да постапам? Јас мислев дека нашава држава е организирана за ова но овде е општ хаос. Овде најверојатно, постои онаа парола, не само живот за сите, туку селектирано право на живот и селектирано право и на здравје. Еве јас би поставил прашање до надлежните: каде да одам и што да правам? Бидејќи јас неможам да одам, неможам да се движам. Што да правам? Дали јас ќе издржам до 26/27 ми е изолацијата и психички и физички? Јас немам никакви симптоми, но и да ги добијам, ги прашувам надлежните што ќе биде со мене, јас долните екстремитети не ги осеќам веќе, нозете ги губам. Ова мене ми личи на убиство, на ништо друго . Оној што има пари ќе преживее, оној што нема ќе цркне како коњ. И одиме со брзина на светлината кон Бутел, не кон Европа! Кон Бутел на гробишта, вели револтирано Здравевски. Јас сум еден од стотици граѓани кои ја доживуваат истата ситуација вели Здравески додавајќи дека не секој ќе дочека институциите да се свестат и системот да профункционира.