Банка за храна Кавадарци со прехранбени пакети за социјално загрозените од општините Кавадарци и Росоман ја одбележува Неделата за борба против гладта, која е од 16 до 22 октомври, информираа од Банката која веќе три години функционира на кавадаречка територија.

– Настојуваме редовно да им помагаме на сите оние на кои ваков вид на помош им е неопходна. Сето ова со безрезервна поддршка од градоначалникот Митко Јанчев и општината Кавадарци – вели Роберто Паризов, активист во Банката за храна.

Тој нагласи дека од неодамна кавадаречката подружница е регионален центар, од кој ќе се дистрибуира помош и во други општини, каде има клубови за распределба на храната до соодветните корисници.

Паризов упати благодарност до Алијанс Уан како општествено одговорна фирма која две години ги поддржува нивните активности, а се заблагодари и за донацијата од компанијата Кам маркет, надевајќи се дека и понатаму ќе продолжи соработката со овие и многу други субјекти кои помагаат во заедницата.